Фото: Принтскрин

Канадското одделение за безбедност за транспортот покрена истрага за трагедијата што ја снајде подморницата „Титан“, а инспекторите се качија на матичниот брод од кој беше пуштена.

Инспекторите од канадските власти се качија на бродот „Полар принц“, закотвен во Њуфаундленд, за да го испрашаат екипажот и да ги проверат податоците од дневникот.

Канадското одделение за безбедност потврди дека ја истражува смртта на пет лица на подморницата Титан додека таа се спуштала кон потонатиот брод Титаник.

За да се утврдат причините за несреќата, инспекторите велат дека собираат и анализираат податоци, записи и аудио снимки од контролната соба и од бродскиот мост.

– Спроведуваме безбедносна истрага во Канада, бидејќи во несреќата учествуваше брод со канадска регистрација, кој пловел од канадско пристаниште – рече портпаролката Кети Фокс.

Таа исто така изјави дека го разбира меѓународниот интерес за случајот и дека канадските власти ќе ги споделат сите сознанија и информации што ги собираат со колегите од другите земји.