Фото: Пиксабеј

Во изминатите 24 часа, Владимир Путин се соочи со најголемиот предизвик за неговиот авторитет откако дојде на власт пред повеќе од две децении. Иако непосредниот ризик изгледаше ограничен, руските експерти велат дека Путин не изгледал силен, туку потресен.

Општоприфатеното негодување на Путин за предавство беше видливо во неговото жестоко телевизиско обраќање во саботата наутро, каде што тој го обвини лидерот на „Вагнер“, Евгениј Пригожин за „прободување од грб“ и предавство – пишува „Би-би-си“.

Според „Би-би-си“ во Москва сè уште се во сила антитерористичките безбедносни мерки, но не е јасно дали претседателот Путин во овој момент воопшто е во руската престолнина.

Според предвидувањата на експертите, Путин на некој начин сега ќе се нафрли воено на Украина, или на оние во Русија кои не го поддржаа.

Полскиот европратеник Радек Сикорски изјави за „Би-би-си“ дека рускиот лидер „најверојатно ќе ги исчисти оние за кои сметаше дека се колебаат“, што значи дека неговиот режим ќе стане „поавторитативен и побрутален во исто време“.

Што ќе прави Пригожин во Белорусија?
Организаторот на бунтот, Евгениј Пригожин, е слободен човек. И покрај обидот да се собори руското воено раководство, обвинението за вооружен бунт против него беше отфрлено. Но, не се познати сите детали од договорот постигнат меѓу Кремљ и „Вагнер“.

Руските аналитичари не очекуваат Пригожин тивко да исчезне во ноќта.

Платеничкиот водач – кој беше многу гласна фигура за десетици илјади борци во Украина – беше важна фигура и за претседателот Путин, бидејќи тој долго време оперира во сенка. Пригожин со години правел валкани работи за Кремљ, од борби во Сирија до борби во Украина во 2014 година, кога Крим беше анектиран – анализира „Би-би-си“.

По оспорувањето на авторитетот на Путин, а некои тврдат дека со бунтот тој го понижил рускиот лидер – сè уште треба да се одговори на прашањата за тоа, какви гаранции му биле дадени за неговата безбедност и неговата идна улога.

Набљудувачите се прашуваат колкава контрола ќе може да има белорускиот лидер Александар Лукашенко врз Пригожин – ако навистина оди во Минск и ако силите на „Вагнер“ го следат, каква закана ќе претставува за Русија, Белорусија и Украина.

Што се случува сега со групацијата „Вагнер“?
Пред овој зачудувачки вооружен бунт, десетици илјади платеници на „Вагнер“ одиграа клучна улога во војната на Путин против Украина. Но, деновите на „Вагнерци“, како независна армија, веќе се при крај, – пишува „Би-би-си“.

Пригожин и неговите сили се спротивставуваат на притисокот да бидат апсорбирани во руското Министерство за одбрана, а одбивањето на тој потег се смета за клучен фактор за претворање на долготрајната расправија во бунт.

Со завршувањето на краткотрајниот бунт, очигледно е дека Пригожин оди во егзил, па се поставува прашањето што ќе направат неговите борци.

Обвиненијата против оние кои се вклучени во бунтот се чини дека се отфрлени. Видеата на социјалните мрежи покажаа дека војниците на „Вагнер“ го напуштаат градот Ростов на Дон, каде што ја презедоа контролата врз воените бази. Гувернерот на Воронеж, кој се наоѓа на половина пат меѓу Ростов и Москва, рече дека силите на „Вагнер“ исто така го напуштаат неговиот регион.

Сепак, не е јасно дали тие сега едноставно ќе соработуваат и ќе бидат интегрирани во редовната руска армија или дали дури и редовните руски војници сега доброволно ќе служат покрај нив.

Исто така актуелно е прашањето, дали ќе се вратат на борбите во постоечките конфликтни зони во Украина, како што сугерираат руските државни медиуми? Некои аналитичари изразија загриженост дека борците би можеле да го следат Пригожин на запад ако тој оди во Белорусија, најблиската точка од која Русија би можела да го нападне главниот град на Украина, Киев.

Како бунтот влијаеше на војната во Украина?
Групата на „Вагнер“ ги имаше најуспешните ударни трупи кои се борат во Украина, иако многу од нејзините борци беа ослободени од затвор, привлечени од ветувањето за слобода за службата на првата линија. Тие беа силно вклучени во руското заземање на градот Бахмут.

Русија тврди дека бунтот досега немал никакво влијание врз нејзината воена операција во Украина.

Меѓутоа, руските војници на боиштата во Украина несомнено слушнале што се случува и веста може да биде деморализирачка. Некои сугерираат дека би можело да има конфликт меѓу ривалските единици во наредните денови, во зависност од пресвртот во Русија по настаните во саботата.

Киевските сили започнаа контраофанзива за враќање на териториите заземени од окупаторите и веруваат дека немирите во Русија нудат „прозорец на можности“.

Поранешниот американски амбасадор во Украина, Бил Тејлор, изјави за „Би-би-си“ дека украинските сили се во „добра позиција“ да ги искористат тактичките слабости откриени од ненадејниот бунт на борците на „Вагнер“.