Фото: Принтскрин

Познатиот американски дипломат и научник Хенри Кисинџер, кој остави неизбришлива трага во надворешната политика на САД, почина синоќа на 100-годишна возраст во својот дом во Конектикат, соопшти консултантската компанија „Кисинџер асосиејтс“ (Kissinger Associates).

Кисинџер беше дипломат, политиколог, геополитички консултант и политичар кој работеше како државен секретар и советник за национална безбедност во претседателските администрации на Ричард Никсон и Џералд Форд.

Тој беше награден со Нобеловата награда за мир во 1973 година за неговиот придонес во преговорите за прекин на огнот во Виетнам.

Кисинџер е роден во Германија, во баварскиот град Фурт, по завршувањето на Првата светска војна. Неговите родители Евреи, сфаќајќи што може да се уследи откако Адолф Хитлер дошол на власт, ја напуштиле Германија во 1938 година. Пет години подоцна Кисинџер стана натурализиран Американец, веднаш се вклучува во американската армија и како разузнавачки офицер учествува во петнеделната Битка за Ардените. По Втората светска војна, се запишал на Харвард, каде што дипломираше и докторираше и почна да го трасира патот во владините структури.