Фото: Архива

Американската агенција Блумберг вчера на својата веб-страница објави наслов „Русија ја нападна Украина“, што предизвика шок во медиумите.
Набргу потоа објавата беше избришана, а медиумот информира дека веста е објавена по грешка.

-Подготвуваме наслови за различни сценарија и насловот „Русија ја нападна Украина“ беше случајно објавен на нашата веб-страница околу 16 часот во Источна временска зона. Длабоко жалиме за грешката – се вели во денешното соопштение.

Се прецизира дека раководството на агенцијата ја разјаснува причината за тоа што се случило.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков изјави дека погрешната најава на агенцијата Блумберг за почетокот на руската „инвазија“ на Украина зборува за опасноста од агресивни изјави на Америка и западните престолнини и како таквите пораки можат да имаат непоправливи последици.
Песков за РИА Новости изјави дека ова е одличен пример колку е опасна ситуацијата предизвикана од бескрајните агресивни изјави кои доаѓаат од Вашингтон, Лондон и другите европски метрополи.

-Тоа е илустрација за последиците од атмосферата на екстремна тензија создадена од овие агресивни акции на нашите колеги во Европа – рече Песков.