Планот на Светската фудбалска федерација (ФИФА) за одржување светски првенства (СП) на две години, Интернационалниот олимписки комитет (ИОК) го означи како закана за фудбалот и за сите други спортови. Претседателот на ИОК, Томас Бах, му забележа на колегата од ФИФА, Џани Инфантино, кој е член на ИОК претходниве две години, затоа што не бил во Пекинг за да ги слушне критиките, објави агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП). Бах додаде дека директниот разговор со Инфантино „и покрај најавите, не е можен, бидејќи тој завчера ја откажа посетата на Пекинг“.
– Сите ние многу би сакале да поразговараме за предлогот за СП на две години, заедно со претседателот на ФИФА, кој е и член на ИОК – им рече Бах на околу 100 колеги на традиционалниот предолимписки состанок, на кој некои присуствуваа лично, а други онлајн.
Претседателот на ФИФА не отстапува од планот за организирање СП на две години, наместо на четири, и верува дека со тоа ќе го забрза развојот на фудбалот во светот, ќе го намали јазот до европските клубови и репрезентации што доминираат во натпреварувањата и ќе оствари уште неколку милијарди долари приход, кои потоа ќе може да ги подели меѓу 211 земји-членки. Претседателот на африканската група на национални олимписки комитети, Мустафа Бераф, изјави дека СП на две години ќе има „големо влијание“ врз неговиот континент.
Планот промовиран од ФИФА ќе создаде неизмерна штета и ќе го доведе во опасност спортот воопшто – рече Бераф.
Членот на Извршниот одбор (ИО) на ИОК, Ненад Лаловиќ, кој ги претставува летните спортови, и освојувачот на златен медал во пинг-понг, Сеунг Мин Рју, рекоа дека позачестени СП ќе го зголемат обемот на натпревари за играчите и ќе го загрозат нивното здравје, пишува АП.