Фото: МВР на Србија

Српската полиција во денеска рано наутро во селото Прибојска Голеша го уапси Алија Балијагиќ, осомничен за двојното убиство минатиот месец на северот на Црна Гора, соопшти министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ.

-Утринава околу 03.05 часот во село Прибојска Голеша припадниците на Специјалната антитерористичка единица (САЈ) во соработка со сите други полициски сили го уапсија Алија Балијагиќ, кој беше пронајден во куќа каде што имавме информации дека повремено доаѓа таму. Го фатиле на спиење, не пружал отпор – рече Дачиќ.

Според неговите зборови, при апсењето кај Балијагиќ биле пронајдени две пушки – ловечка пушка бокерица и ловечка карабина, модифицирана од воена пушка паповка.

На 25 октомври, според полицијата, Алија Балијагиќ ги убил братот и сестрата Јован и Миланка Маџгаљ во селото Соколац, по што побегнал.

Во потрагата по Балијагиќ од првиот ден, со употреба на хеликоптери и беспилотни летала, освен полицијата се вклучија и припадници на Армијата на Црна Гора.

Пет дена по двојното убиство во Црна Гора, српската полиција соопшти дека Балијагиќ бил виден во селата околу Пријепоље, оттогаш во потрагата се вклучени и специјалните полициски единици на таа земја.

Во оваа прилика се огласи и српскиот претседател Александар Вучиќ кој изјави дека можниот мотив за ова двојно убиство е „верска или национална омраза“, односно дека Балијагиќ наводно е исламски екстремист.

Ова го демантираше црногорската полиција, нагласувајќи дека мотивите на Балијагиќ не биле од верска или национална природа.