Приватната воена компанија „Вагнер“ регрутирала десетици илјади затвореници, вклучително и убијци и домашни насилници, за да се борат во некои од најкрвавите битки во војната за време на руската инвазија на Украина. Се верува дека многумина загинале во Украина, но оние кои преживеале шест месеци борејќи се во редовите на „Вагнер“, заработија претседателски помилувања и сега се враќаат во своите родни места.
Во понеделникот, еден од помилуваните затвореници го уби 38-годишниот Сослан Валиев во Цхинвали, главниот град на Јужна Осетија. Цугри, како што сите во градот со љубов го нарекуваа Валиев, имаше потешкотии во развојот. „Колку можев да се сетам на Цхинвали, Цугри секогаш беше таму, со широка насмевка ги поздравуваше автомобилите кои влегуваа во градот“, рече новинарот Алик Пухати, кој по потекло е од Јужна Осетија.
– Беше сакан од сите во нашата тесно поврзана заедница. Беше добредојден гостин на свадби и вечери, луѓето навистина се грижеа за него и се трудеа околу него“, додаде тој. Меѓутоа, во понеделникот вечерта низ градот одекна веста дека Цугри е убиен. Вознемирувачко видео објавено на каналите на Телеграм покажува како маж го брка и клоца Цугри неколку моменти пред наводно да го избоде до смрт – пишува „Гардијан“.
– Сите се во шок…луѓето прашуваат: „Како може да се случи ова?“, рече Пухати. Локалните власти во раните утрински часови следниот ден објавија дека уапсиле маж осомничен за убиството на Цугри. За убиството е осомничен Георгиј Шиукаев, осуден убиец кој минатата есен беше регрутиран од затвор од паравоената организација „Вагнер“.
Шефот на „Вагнер“, Евгениј Пригожин, изјави дека повеќе од 5.000 поранешни криминалци веќе се ослободени поради нивните воени заслуги. Нивното ослободување ги поттикна стравувањата дека поранешните криминалци ќе продолжат да вршат нови злосторства, а стравувањата само се зголемуваат со серија насилни злосторства извршени од поранешните војници на „Вагнер“.
Пригожин рече дека Шиукаев всушност ги бранел случајните минувачи кои биле малтретирани. Сепак, Анатолиј Бибилов, поранешниот претседател на Јужна Осетија, ја отфрли изјавата на Пригожин. Бибилов тврди дека Цугри бил „љубезен и безопасен тип кој го сакале сите, со ретки исклучоци“.
Убиството на Цугри не е прво за кое беше осомничен помилуван Вагнеровец. 85-годишна пензионерка беше убиена на крајот на март во нејзиниот дом во град во Кировска област. Сторителот беше идентификуван како 28-годишниот Иван Росомакин, кој во 2020 година беше осуден на 10 години затвор за убиство. И тој беше регрутиран од Пригожин и неодамна се врати во родниот град по борбите во Украина, стои во написот на „Гардијан“
Веста за неговото враќање длабоко ја вознемирила локалната заедница од неколку стотици луѓе и довело до состанок во градското собрание, кој бил снимен од локален ТВ канал. За време на состанокот, началникот на полицијата Вадим Варанкин ветил дека „проблематичниот“ Росомакин ќе биде изнесен од градот на 28 март.
Само еден ден подоцна, Росомакин влегол во дрвената куќа на 85-годишната жена и ја убил со секира. „Државата и лично Путин и Пригожин се виновни за нејзината смрт и треба да одговараат за неа. Пуштија болно копиле во заедницата“, смета роднината на убиената старица. Роднината, како и другите членови на семејството со кои контактираше Обсервер, рекоа дека стравуваат од одмазда од државата поради тоа што зборувале против „Вагнер“.
На почетокот на оваа година, Владимир Путин потпиша закон со кој е кривично дело јавното критикување на борците на „Вагнер“ или објавувањето негативни извештаи за нив. Набргу потоа, рускиот активист, кој откри детали за погребите на платениците на „Вагнер“, убиени во Украина, избега од земјата.
Пригожин им дал гаранција на поранешните осуденици кои ги отслужиле своите договори во Украина дека ќе им помогне доколку влезат во неволја со полицијата. „Полицијата треба да се однесува со вас со почит. Ако е неразумно… ќе контактирам и ќе ги средам работите со гувернерите и така натаму. Ќе најдеме решение“, изјави неодамна Пригожин пред група поранешни затвореници.
Претставник на невладината организација за правата на затворениците, Затворена Русија, истакна дека изјавата на Пригожин само придонесува за растечкото чувство на неказнивост кај затворениците кои се враќаат дома. Еден од овие поранешни криминалци е Алексеј Савичев, кој во март се вратил во родниот град Воронеж, град на југозападот на Русија.
„Вагнер“ го регрутирал 49-годишниот Савичев минатиот септември. Се борел вкупно шест месеци во Украина, прво во битката за градот Соледар, а подоцна и во Бахмут. Во интервју објавено претходно оваа недела, тој призна дека убил и мачел „десетици“ украински воени заробеници.
Савичев раскажа како е по враќањето во Воронеж брзо ја потрошил целата сума што ја заработил додека бил со „Вагнер“, приближно еден милион рубљи (10.000 фунти), на „алкохол и проститутки“. „Пиев практично без престан, конечно имав слобода и многу пари“, вели тој.
Савичев за „Обсервер“ опишал како полицијата во Воронеж повремено го приведувала доцна навечер поради недолично однесување. Сепак, според неговото сведочење, тој секој пат бил ослободен откако на полицијата и покажувал дел од медалите што ги добил за борбите во Украина, меѓу кои и награда за „храброст“.
– Полицајците ме третираа по малку како херој. Мислам дека можам да се извлечам без ништо – се пофали Савичев, додавајќи дека полицајците ќе го поканат на чај за да слушнат приказни за времето поминато со „Вагнер“.