Европската комисија најави планови како да се зголеми производството на храна оваа година, но земјоделците и еколошките групи не се многу убедени во тоа, вели Еди Вакс за „Политико“

Европската Унија (ЕУ) реши дека зголемувањето на производството на храна е нејзиниот одговор на претстојната криза со глад, која се влоши со почнувањето на воената операција во Украина, која е еден од најголемите производители на пченица во светот. Речиси еден месец по избувнувањето на конфликтот, Брисел предложи листа на мерки наменети за заштита на сопствените земјоделци и потрошувачи од зголемените цени и затегнатите синџири на снабдување. Со стопирањето на зелените правила, преку садењето што е можно повеќе храна и вложувањето дополнителни средства, ЕУ се надева дека ќе ги спречи најлошите економски ефекти дома, но, исто така, ќе помогне да се поддржи прехранбениот систем на Украина и да им се олесни борбата на луѓето што се соочуваат со глад во подалечните земји.
Засега нема показатели дека резервите внатре во Унијата се загрозени, иако зголемената инфлација ќе го отежни обезбедувањето храна за најсиромашните граѓани на ЕУ. Во делови од Африка и од Блискиот Исток, сепак, влоговите се големи, бидејќи посиромашните земји се соочуваат со критичен недостиг од жито од Украина. Затоа, „Политико“ ги анализираше клучните точки од новиот план на ЕУ.

Одложување на Зелениот договор

По две години обиди да ги убеди владите на ЕУ да воведат зелени политики во земјоделството, комисијата им дозволи на земјите да укинат некои еколошки правила за да ослободат земјиште за производство на храна. Земјоделците ќе можат да продолжат да добиваат зелени субвенции додека садат какви било култури за храна и добиточна храна на четири милиони хектари земја што вообичаено се оставаат необработени за биолошка разновидност. Ова сочинува шест отсто од обработливото земјиште во блокот. Дополнително, Брисел ги охрабрува земјите да не инвестираат толку многу во производството на посевите што ќе се користат за согорување и ќе се претворат во биогорива. Наместо тоа, фокусот ќе биде на производство на храна за јадење и храна за животните. Според комисијата, Зелениот договор за земјоделството не е мртов, туку само ставен на пауза. Но плановите на комисијата наидоа на критики од невладиниот сектор.

Независноста со храна ќе се постигне некогаш во иднина

Ненадејното затворање на трговијата од Украина покажа колку ЕУ се потпира на увозот на пченка како храна за животните, додека конфликтот откри до кој степен Унијата зависи од ѓубривата од Русија и од Белорусија. Тоа повторно го поттикна притисокот за поголем „европски суверенитет на храната“. Засега се најавени скромни мерки, како што е повнимателно следење на цените на храната и вештачките ѓубрива и формирање нова експертска група, која ќе препорача како да се зајакне безбедноста на храната. Земјите од ЕУ се охрабруваат да ја урамнотежат употребата на гас, пестициди и ѓубрива за да ја намалат потребата за увоз. Зелениот договор, кој поставува експлицитна цел за одвикнување на ЕУ од вештачките ѓубрива, може да помогне на долг рок.
Но комисијата ги отфрли неодамнешните повици од повеќето членки за нова стратегија за растителни протеини што можеше да ја намали зависноста на ЕУ од увоз на соја. Вистината е дека Унијата не може да стане независна во сè прекуноќ. Засега најголемиот трговски предизвик е да се одржат отворени пазарите на храна за да се запре бранот на протекционизам што ризикува да ги зголеми цените.

Помош за украинските земјоделци

Украинската жетва оваа година е сериозно загрозена. Тоа ќе има негативни ефекти не само за светската безбедност на храната, туку и за сопственото население. Со оглед на тоа што земјоделците се борат на првите борбени линии, има недостиг од работници на полињата. Како што има недостиг од земјоделските семиња, ѓубрива, машини и гориво, кои се потребни сега за да се чува минатогодишната зимска пченица и да се засади претстојната пролетна култура на пченка и сончоглед. Комисијата планира да ги финансира полските напори за пренесување 50.000 тони гориво преку границата до украинските трактори секоја недела. Исто така, охрабрува поголема помош во храна од земјите на ЕУ.

Храна за светот

Кога станува збор за прехранувањето на светот, пченицата игра клучна улога. Лебот е главен производ во Северна Африка и на Блискиот Исток, но цените на фјучерсите на пченицата се зголемија за 70 отсто од инвазијата. Во пристаништата на Црно Море има пет милиони тони пченица што не може да се испорача. Дополнителни 20 милиони тони се очекуваше да се одгледуваат во Украина, но можеби сега нема да се реализираат. Повисоките цени би можеле да ги натераат трговците да насочат повеќе пченица за човечка исхрана, наместо за животните, со што ќе го олеснат товарот на гладот. Индија делумно би можела да помогне, бидејќи се очекува да пласира околу шест милиони тони пченица на пазарот, со што за првпат ќе стане главен светски играч во оваа сфера.

Готовина за европските земјоделци

Една од најконкретните мерки што се најавуваат е дополнителна директна помош за земјоделците од ЕУ, за да ја пребродат кризата со ликвидност предизвикана од зголемените трошоци за гориво и ѓубрива. Покрај полабавите правила за државна помош, изделени се 500 милиони евра од кризните фондови на ЕУ, кои можат да ги дополнат националните влади. Земјоделците ќе добијат поголема помош со европските субвенции, со тоа што свињогојството ќе има корист од полабавите правила за конкуренција, кои долго време беа притиснати меѓу зголемените трошоци за производство и ниските цени на месото. Но главното земјоделско лоби на ЕУ ја критикуваше комисијата за „целосен недостиг“ од конкретни краткорочни мерки за стабилизирање на пазарот на ѓубрива.

Подготвил: Марјан Велевски