Американската „Тесла“ и уште три кинески производители на електрични возила ги зголемија цените на производството. Илон Маск, сопственикот на „Тесла“, уште минатиот месец на Твитер објави дека цената на литиумот достигнала вртоглаво високи нивоа.
Побарувачката ја надминува понудата, со тоа што цените се зголемија за 558 отсто во однос на лани во јуни. Лани на индустријата ѝ беа потребни 504.000 тона литиум, надминувајќи ја понудата од 497.000 тона, а „Ес-енд-пи глобал маркет интелиџенс“ предвидува дека побарувачката оваа година ќе се зголеми на 641.000 тона додека се прогнозира дека понудата ќе достигне до 636.000 тона.
Австралија е најголемиот светски производител на литиум со 53 отсто, а потоа следуваат Чиле (25 отсто), Кина (14 отсто) и Аргентина (шест отсто). Најбрзиот начин за зголемување на понудата е овие земји да го зајакнат производствениот капацитет. Австралиската фирма „Пилбара минералс“ планира да го зголеми производството во својот рудник во западна Австралија за повеќе од 50 отсто до крајот на оваа година.