Сиромаштијата е голем проблем со кој отсекогаш се соочувало целото човештво. Сега слободно може да се каже дека станува збор за глобална болест, која речиси е невозможно да се излекува, барем не додека продолжуваат актуелните политички и економски трендови. Не постои единствена дефиниција за сиромаштијата, но затоа е многу точна дефиницијата на Инвестопедија, која тврди дека сиромаштијата е состојба „во која на едно лице или заедница му недостигаат финансиски средства или потреби за минимален животен стандард“. Со цел да му посветиме должно внимание на овој светски проблем, ви пренесуваме дел од интересната анализа на „Геополитика“
Анализа: Глобална сиромаштија (1)
„Шкотската единица за сиромаштијата“ ги идентификува луѓето како сиромашни доколку „немаат доволно ресурси за нивните материјални потреби и ако условите ги исклучуваат од активно учество во активности што се сметаат за нормални во општеството…“
Поединците и семејствата погодени од сиромаштија може да останат без соодветно домување, чиста вода, здрава храна и медицинска нега. Сиромаштијата е социоекономска состојба што е резултат на повеќе фактори (не само приход), како што се етничката припадност, расата, возраста, полот или пристапот до образование. Во исто време, сиромаштијата е индивидуален, но и поширок општествен проблем. На индивидуално ниво или на ниво на домаќинство, неможноста да се врзе крај со крај може да доведе до голем број психофизички проблеми. На социјално ниво, високите стапки на сиромаштија се пречка за постигнување економски раст и може да предизвикаат проблеми како што се невработеност, криминал, распаѓање на урбаните и руралните средини и општа закана за здравјето на една нација.
Форми на сиромаштија, апсолутна и релативна сиромаштија
Екстремната сиромаштија не е само сиромаштија што се карактеризира со ниски примања, туку се карактеризира со состојба во која луѓето не можат да си ги дозволат најосновните животни потреби. Таа е поделена на апсолутна и релативна сиромаштија. Апсолутна сиромаштија е состојба кога човек не може да си дозволи минимум храна, облека или дом. Релативна сиромаштија е состојба кога приходот на домаќинството е под одреден процент, обично 50 отсто или 60 отсто од просечниот приход на таа земја.
Мултидимензионалната сиромаштија (воведена од ОН во нивната програма за развој во 2010 година) е вид сиромаштија што покажува дека сиромаштијата не е секогаш само во приходите. Понекогаш приходот на човекот може да биде над прагот на сиромаштија, но неговото семејство да нема пристап до струја, да нема соодветен тоалет, да нема чиста вода за пиење и никој во семејството да нема завршено основно училиште. Постојат 10 клучни показатели за повеќедимензионална сиромаштија: исхрана, смртност на деца, години на образование, посетеност на училиште, санитарни услови, вода за пиење, струја. енергија, домување, имот и масло за јадење. Ако некое лице доживее лишување во три или повеќе од овие стандарди, тој е повеќедимензионално сиромашен.
Сиромаштијата е мерена од Владата на секоја земја, која собира податоци преку анкети на домаќинствата на сопственото население. Границата на сиромаштијата (прагот) е граница под која е тешко, ако не и невозможно, да се дозволат основните животни потреби. Границите на сиромаштијата не се исти во сите земји. Во земјите со повисок приход, трошоците за живот се повисоки, па и линијата на сиромаштија е повисока. Во 33 држави со ниски приходи, прагот на сиромаштија е 1,90 дола дневно по лице. Во 32 земји со понизок среден приход, како што се Индија и Филипините, лимитот е 3,20 долари по лице. Во 32 земји со повисок среден приход, како што се Бразил и Јужна Африка, лимитот е 5,50 долари по лице. Во 29 држави со високи приходи, лимитот е 21,70 долар по лице. Меѓународната линија на сиромаштијата моментално е поставена на 1,90 долар на ден и претставува универзален стандард за мерење на сиромаштијата во светот.
Бројки и факти: Децата и младите сочинуваат две третини од сиромашните во светот
Кога ќе се погледнат вистинските бројки, податоците за сиромаштијата во светот се впечатливи и не можат да остават рамнодушен ниту човек со најмала чувствителност. Секој ден од сиромаштија умираат нешто повеќе од 21.000 луѓе! Впрочем, 689 милиони луѓе живеат во екстремна сиромаштија, преживувајќи со помалку од 1,90 долар на ден. Во САД, 10,5 отсто од населението или 34 милиони луѓе живеат во сиромаштија. Границата на сиромаштија за поединец Американец е 12.880 долари годишно, што е 35,28 долари дневно.
Децата и младите сочинуваат две третини од сиромашните во светот, а жените предничат во повеќето региони во светот. Екстремната сиромаштија сѐ повеќе е концентрирана во супсахарска Африка. Околу 40 отсто од жителите на тој регион живеат со помалку од 1,90 долар на ден. Стапките на екстремна сиромаштија речиси двојно се зголемија на Блискиот Исток и Северна Африка меѓу 2015 и 2018 година, од 3,8 отсто на 7,2 отсто, главно поради кризите во Сирија и во Јемен. Иако земјите погодени од нестабилност, кризи и насилство сочинуваат приближно 10 отсто од светското население, тие генерираат повеќе од 40 отсто од луѓето што живеат во екстремна сиромаштија.
Се проценува дека до 2030 година, 67 отсто од сиромашните во светот ќе живеат во ранливи услови. Околу 70 отсто од луѓето постари од 15 години што живеат во екстремна сиромаштија немаат школување или само основно образование. Исто така, според податоците на ОН, 1,3 милијарда луѓе во 107 земји во развој, кои сочинуваат 22 отсто од светското население, живеат во повеќедимензионална сиромаштија. Околу 84,3 отсто од повеќедимензионално сиромашните живеат во супсахарска Африка и во Јужна Азија. Дури 644 милиони деца живеат во повеќедимензионална сиромаштија.
Сепак, не треба да се биде песимист бидејќи како што минуваат децениите нивото на човековиот напредок експоненцијално се зголемува, а сиромаштијата доживува опаѓање. Од 1990 година, повеќе од 1,2 милијарда луѓе излегле од екстремна сиромаштија. Во моментов, 9,2 отсто од светското население преживува со помалку од 1,90 долари на ден, во споредба со речиси 36 отсто во 1990 година. Сепак, пандемијата на коронавирусот се заканува да го смени долгогодишниот напредок во борбата против глобалната сиромаштија и нееднаквоста во приходите и им се заканува на новите генерации. Според процените на Светската банка, кризата со ковид доведе до дополнителни 97 милиони луѓе во состојба на екстремна сиромаштија во 2020 година. Кога семејствата ќе се извлечат од сиромаштија, здравјето и благосостојбата на децата се подобруваат.
Подготвил: Mарјан Велевски
(Продолжува)