Фото: Маја Јаневска-Илиева

Хрватскиот вицепремиер и министер за земјоделство, Јосип Дабро, си поднесе оставка откако во јавноста излезе видео на кое се гледа како тој возејќи се со автомобил покрај населено место пука со пиштол низ отворен прозорец, објавија хрватските медиуми.

Според Индекс.хр, Дабро на Фејсбук објавил дека ја поднесува оставката од морални причини.

Снимката со пукањето на вицепремиерот ја објави хрватски „Јутарњи лист“, и на се гледа како „Дабро репетира и пука извикувајќи дека тоа е за неговиот брат Марио“.

По објавувањето на видеото, Дабро ја потврди неговата автентичност, но тврдеше дека не пукал со вистински куршуми, туку со маневарска муниција.

Хрватската Влада го оцени „ваквото однесување и употреба на огнено оружје како несоодветно и неодговорно“, иако посочуваат дека снимката била направена пред Дабро да стане министер.

Хрватската полиција и обвинителството започнале истрага и утврдуваат дали Дабро сторил кривично дело – загрозување на животот и имотот со општо опасно дело или средство.