Фото: ЕПА

Вооружен судир меѓу припадници на двете клучни украински безбедносни агенции – Службата за безбедност на Украина (СБУ) и Воената разузнавачка служба (ГУР), се случил денеска во киевскиот Днипровски округ, објави „Украинска правда“.

Полицијата утрово целосно ја блокирала улицата „Јуриј Шумски“, а јавниот превоз бил пренасочен додека на теренот траела, како што полицајците ја нарекоа, „специјална полициска операција“.
Според извори на „Украинска правда“, во огнената престрелка и судирот се повредени најмалку тројца припадници на воената разузнавачка служба ГУР.

Откако на социјалните мрежи почнаа да кружат снимки и информации за пукањето, се огласи СБУ и призна дека нивните оперативци употребиле огнено оружје. Тие тврдат дека спроведувале итни истражни дејствија во рамки на предистражна постапка за наводен терористички напад што во Киев го планирала руската тајна служба ФСБ.

Според верзијата на СБУ, за време на претресот на адреса на улицата „Шумски“, група луѓе со возила им го попречиле патот и извршиле вооружен напад врз нивната истражна екипа. За да го прекинат нападот, на терен биле испратени припадници на елитната специјална единица на СБУ „Алфа“, кои отвориле оган, раниле неколку од напаѓачите и потоа ги привеле. Дури по апсењето и одземањето на оружјето и документите, наведуваат од СБУ, било утврдено дека приведените им припаѓаат на украинските одбранбени сили, поточно на ГУР, објави „Украинска правда“.

Иако официјалните детали за мотивот на инцидентот сè уште не се целосно разјаснети, заднината на судирот се поврзува со мистериозното исчезнување на Степан Каплунов, заменик-командант за борбени операции на Рускиот доброволен корпус (РДК) – единица составена од руски државјани кои се борат на страната на Украина, а оперативно делуваат под закрила на воената разузнавачка служба ГУР.