Унгарија вети дека ќе и испрати 187 милиони евра на Украина, како дел од планираниот пакет помош од ЕУ. Владата на унгарскиот премиер Виктор Орбан соопшти дека е подготвена да го исплати својот дел од помошта за Украина, но во исто време посочи дека повеќе би сакала Будимпешта помошта да ја исплаќа билатерално отколку во рамките на ЕУ.
Орбан наиде на жестоки критики од Украина откако неодамна објави фотографија на која носи шал со карта на Голема Унгарија, која вклучува делови од Украина и други соседни земји. Поради тоа Киев го повика на разговор унгарскиот амбасадор.
Унгарската поддршка за Украина од почетокот на инвазијата беше помалку ентузијастичка од онаа на останатите западни сојузници. Орбан во најголем дел се обиде да остане настрана од конфликтот, што многу европски земји го проценија како предавство на заедничките вредности. Меѓу другото, Орбан забрани транзит на западни пратки оружје низ Унгарија и го блокираше проширувањето на европските санкции против Русија во енергетскиот сектор.