Унгарскиот премиер Виктор Орбан во говорот пред илјадници поддржувачи во Будимпешта рече дека ЕУ се обидува да ја собори неговата влада и да воспостави марионетски режим во Унгарија.
Тој во средата одржа говор по повод унгарскиот национален празник во чест на антисоветското востание од 1956 година и повлече паралели меѓу историската странска окупација и современата политика на ЕУ, пренесе Њузвик.
– Независна унгарска политика е неприфатлива за Брисел. Затоа таму најавија дека ќе се ослободат од националната влада на Унгарија. Тие најавија и дека ќе формираат марионетска влада во Брисел. „Дали ќе ја послушаме странската волја или ќе и се спротивставиме? Предлагам нашиот одговор да биде јасен и недвосмислен, исто како што беше во 1956 година“- рече Орбан.
Унгарија во повеќе наврати ги блокираше или одложуваше мерките на ЕУ за помош на Украина и воведување санкции кон Русија, поради што критичарите го обвинија Орбан дека им дава приоритет на интересите на Русија пред интересите на нејзините сојузници во ЕУ и НАТО.
– Бриселските бирократи го воведоа Западот во бесмислена војна. Според нив, ова е војна на Западот против Русија. Сега тие сакаат отворено да ја турнат целата Европска унија во војна во Украина – рече Орбан.
Тој исто така рече дека ЕУ планира да стационира украински војници во Унгарија по идната победа.
– Ние Унгарците ќе се разбудиме едно утро и ќе откриеме дека словенски војници од исток повторно се стационирани на унгарска територија. Ние не го сакаме тоа, но притисокот од Брисел е се посилен секој ден – им рече тој на своите поддржувачи.
Европскиот парламент во 2022 година се изјасни дека Унгарија повеќе не може да се смета за демократија, а ЕУ ѝ ускрати финансиска поддршка од милијарди поради наводно прекршување на владеењето на правото.