Обединетите нации (ОН) започнаа операција за отстранување 1,1 милион барели нафта од голем нафтен танкер, кој постепено се распаѓа во Црвено Море, во близината на брегот на Јемен, во обид да спречат еколошка катастрофа
Заглавениот брод „ФСО Сејфер“ беше оставен во близината на пристаништето Ходеида по избувнувањето на граѓанската војна во Јемен во 2015 година. Не е во функција оттогаш, а сега Обединетите нации (ОН) предупредуваат дека постои голем ризик танкерот да експлодира или да се распадне.
Операцијата за спасување, која ќе чини повеќе од 140 милиони долари, ѝ е доделена на компанијата „Боскалис/СМИТ“. Таа има цел да ја пумпа нафтата од „Сејфер“ до бродот „Наутика“, кој сега е во сопственост на ОН, а потоа ќе го одвлече празниот танкер. Тоа е многу поевтино од трошоците што се проценуваат за санирање на штетите од можно катастрофално истекување на нафтата, за кое би биле потребни 20 милијарди долари за да се исчисти.
„Сејфер“ содржи четири пати повеќе нафта за разлика од онаа што се изли во катастрофата на „Ексон валдез“ во 1989 година, во заливот Принц Вилијам во Алјаска.