Фото: ЕПА
  • Според нашите соговорници, досега најголем фактор за усложнување на состојбата со војната во Европа (Украина) е вклучувањето на Северна Кореја во украинско-руската војна, со влегувањето на севернокорејските војници на територијата каде што се водат воените операции!
  • Според Пентагон, над 10.000 севернокорејски војници се вклучени во војната во Украина, со што де факто уште една светска воена нуклеарна сила влегува во војна
  • Вклучувањето на Северна Кореја во конфликтот, на страната на Русија, има особена тежина. Дали Пјонгјанг влегува официјално во воениот конфликт како завојувана страна? Дали сега и Северна Кореја е легитимна воена цел за Киев и за западните сојузници? Дали сега Брисел и НАТО ќе стават точка на амбициите на Киев да ѝ се приклучи на Алијансата, затоа што во ваква констелација на односи, членот 5 од Статутот на НАТО е „портал кон тотална глобална војна“?! Натаму, дали кога ќе дојде време за мировни преговори на преговарачката маса ќе седне и Пјонгјанг и ќе испорача свои барања, заедно со Москва? На Западот веројатно му станува сѐ повеќе јасно дека „ѓаволот ја однел шегата“

Оружениот судир помеѓу Русија и Украина што јавно започна како т.н. специјална воена операција на руските воени сили, денес прерасна во воена криза со глобален потенцијал за која се стравува оти опасно се приближува до нешто што никој и не може да го дефинира како би требало да изгледа. Причина за ваквите застрашувачки прогнози е вклучувањето на Северна Кореја во конфликтот на страната на Русија, што има особена тежина бидејќи станува збор за две нуклеарни сили што се здружуваат. Токму затоа се поставуваат прашања во каква мера присуството на Северна Кореја ќе влијае врз амбициите на Украина за влез во НАТО, дали Пјонгјанг ќе стане легитимна цел на ракетите со долг дострел на НАТО и западните сојузници на Украина, односно дали севернокорејскиот лидер Ким Јонг-ун ќе бара да биде на масата при евентуални мировни преговори, со свои услови. Во таква ситуација севернокорејскиот лидер би бил директно вклучен во разговори со претставници на САД и на НАТО, што е своевиден преседан.

Покрај процената дека најмалку 10 милиони цивили побегнале и се иселиле од Украина, најголем фактор за усложнување на состојбата се последното официјално вклучување на Северна Кореја во украинско-руската војна и влегувањето на севернокорејските војници на територијата каде што се водат воените операции! Според Пентагон, над 10.000 севернокорејски војници се вклучени во војната во Украина, додека генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, ја објави информацијата од разузнавачките агенции на Алијансата дека цели воени единици на Северна Кореја се наоѓаат непосредно до регионите на воените операции меѓу Украина и Русија. Ниту Москва не ја крие присутноста на Северна Кореја во руско-украинската војна, соопштувајќи го тоа пред Советот за безбедност, преку својот амбасадор во ООН, Василиј Небензја, квалификувајќи ја соработката како „интеракција“ што од американска страна е дефинирано како причина за продолжување и проширување на војната. Светските медиуми претходно известуваа дека новоформираната стратегиска соработка помеѓу Москва и Пјонгјанг ќе опфаќа и спогодба преку која Русија ќе се снабдува со проектили, гранати и дронови од богатиот оружен арсенал на Северна Кореја.

Што планира Русија преку соработката со Северна Кореја?

Кои се причината и воената логика на Русија и Северна Кореја нескриено да се промовира нивната соработка во војната во Украина? Тоа сега повеќе ги мачи НАТО и западните членки на Алијансата отколку човечкиот или техничкиот фактор на руската страна.
Нема дилема дека на двете завојувани страни Русија и Украина, иако многу повеќе на украинската страна, ангажирани се странски единици, паравоени формации, класични платеници, како и во секоја војна. На руската страна сојузници се државите на Руската Федерација, споредено со НАТО-членките и државите од ЕУ за кои сојузништвото во војната е многу повеќе врз основа на федерална институционална основа на Руската Федерација за разлика од украинската, кај која клучна е формата на помошта од НАТО и ЕУ.
Токму овде може да се побара суштината на потегот и кооперацијата на Москва со Пјонгјанг, кој како регионална и светска нуклеарна воена сила може да се набљудува како потег на растоварување и добивање корисна позиција на двете страни (Русија и Северна Кореја), кон Европа и НАТО, како и кон Азија!?
Секако, има и нејасни сектори, можеби и од причина што Украина не е членка ниту на НАТО ниту на ЕУ, а прашање е и кога и дали ќе стане со оглед на тоа што сега не ја контролира својата меѓународно дефинирана територија!? А ниту НАТО ниту ЕУ и процедурално не можат да примат за своја членка држава со територија или дел од територија што не ги контролира.
Дури и самиот факт што се прошируваат страните инволвирани на кој било начин во украинско-рускиот судир, со формалните десетина илјади севернокорејски војници, ја води воената состојба кон свесно мултиполарно идно преговарање за намалување на воените дејства и намалување на жртвите и воените разурнувања во Украина, за на крајот да се дојде до преговори за прекин и крај на војната, до што еден ден мора да дојде кога ќе се сумираат воените резултати! Н.П.Р.