Од почетокот на војната во Украина побегнале речиси седум милиони граѓани, загинале повеќе од 4.100 цивили, меѓу нив и 264 деца, а бројот на воените жртви на руската и на украинската страна надминува над дваесет илјади

Сто дена војна во Украина

Руско-украинскиот воен конфликт денес влезе во стотиот ден од почетокот, кога руските сили на 24 февруари влегоа на територијата на Украина. Додека властите од Москва и од Киев ја водат дипломатската војна за докажување дали станува збор за „специјална воена операција“ како што тврди Кремљ или, според тврдењата на пошироката меѓународна заедница, дека станува збор за „класична агресија на украинската територија“, за жал, билансот на жртвите и материјалната штета стануваат сѐ повисоки.
Од почетокот на војната во Украина побегнале речиси седум милиони граѓани, загинале повеќе од 4.100 цивили, меѓу нив и 264 деца, а бројот на воените жртви на руската и украинската страна надминува над дваесет илјади. Обемот и брзината на кризата во Украина не се видени од Втората светска војна, се вели во соопштението на агенцијата на ОН, во кое се проценува дека на 5,2 милиони деца таму сега им е потребна хуманитарна помош; три милиони внатре во земјата и повеќе од 2,2 милиони во земјите што ги примија бегалците.
Воениот пресек на состојбите по стоте дена конфликт, ако се гледа низ призмата на области „под контрола“, е дека руската војска контролира околу 20 отсто од украинската територија, од источниот дел на земјата, која граничи со Руската Федерација. Економските последици од стоте дена на последната војна во Европа се многу поголеми. Економската војна што се води меѓу Западот и Русија и преземањето на низата санкции за руската економија, предизвика голема енергетска криза, која ја зголеми цената на нафтата и гасот, што предизвика и поскапување на основните прехранбени производи во Европа и во светот. Прекинот на испорака на украинската и руската пченица, силно ги погоди сиромашните земји во Африка, кои се жалат на недостиг од храна.

Воените извештаи, во текот на изминатите неколку недели, покажуваат дека руските трупи полека ја проширија својата контрола врз територијата во Донбас, напаѓајќи ги украинските одбранбени сили со артилерија и претворајќи ги градовите и селата во урнатини. Русија е блиску до освојување на целата Луганска Област, една од двете провинции што го сочинуваат Донбас. Неуспесите за украинската војска на истокот се во спротивност со текот на војната во неделите по руската инвазија на 24 февруари, кога силите на Киев ги задржаа напаѓачките трупи надвор од главниот град и другите клучни градови. Експертите велат дека Москва се надева оти ќе ја искористи предноста што ја има во однос на човечката сила и оружјето, нешто што е видливо во нејзините непрекинати бомбардирања врз украинските сили во Донбас во последните денови. Наспроти ова, Западот презема чекори да ја вооружи Украина. На 1 јуни, администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден објави нова транша воена помош во вкупна вредност од 700 милиони долари, која вклучува моќни мобилни артилериски ракетни системи способни да ги гаѓаат непријателските сили од далеку.
Весли Кларк, врховен командант на сојузниците на НАТО во Европа од 1997 до 2000 година, минатата недела предупреди дека на украинските сили им недостига артилерија за ефикасно да се борат во новата фаза од војната и рече дека западната воена помош досега била „недоволна“ за да бидат одвратени руските сили. „Украина треба дополнително да се зајакне. Соединетите Американски Држави се двоумат да дадат тешка артилерија поради загриженоста дека таа може да ја испровоцира Русија, велат аналитичарите.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ѝ рече на својата нација на 30 мај дека ситуацијата во Донбас е „исклучително тешка“, велејќи дека Русија ја концентрирала „максималната борбена моќ“ на својата војска во регионот. Претходно во мај, тој рече дека во руските напади се убиваат од 50 до 100 украински војници дневно. Украински извори тврдат дека во воените дејства загинале 15.000 руски војници и 40 илјади се ранети. Интензивното бомбардирање на руските сили ги става украинските линии за снабдување под екстремен притисок, што го отежнува брзото доставување на западното оружје до војниците на линијата на фронтот, велат аналитичарите.
Во таква ситуација, посебно внимание привлече изјавата на високиот руски претставник, за можниот натамошен развој на ситуацијата. Постои опасност трети земји да бидат вовлечени во конфликтот во Украина, изјави вчера рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.
– Вакви ризици, се разбира, постојат. Тоа што режимот во Киев бара (ракетни фрлачи со повеќе цевки), и тоа без дискусија и наредбено кон неговите западни покровители…тоа, прво, ги надминува сите граници на пристојност, и второ, тоа е директната провокација за Западот да се вовлече во вооружени дејства – изјави Лавров пред новинарите на крајот од неговата посета на Ријад.
Европската Унија намерно ја турка Украина поблиску до бездна, поддржувајќи ги нејзините воинствени амбиции со бескрајни, нејасни ветувања за европска интеграција, се вели во вчерашното соопштение на руското министерство за надворешни работи.

„ЕУ конечно ја губи својата независност и мирната обединувачка паневропска агенда, која беше воведена во неа од основачите на обединета Европа“, се вели во соопштението, кое е издадено по одлуките на Европската комисија за санкциите за увоз на руска нафта што се транспортира со нафтоводи.
Пентагон во средата соопшти дека САД ќе испрати за Украина четири софистицирани ракетни системи со среден дострел и муниција, за да се спречи напредувањето на руските трупи во областа Донбас. Во исто време беше соопштено дека американскиот претседател Џозеф Бајден ќе се состане со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, да разговараат за следниот состанок на НАТО, што кон крајот на јуни ќе се одржи во Шпанија.

Подготвил: Митко Јовановски