Полјаците со силна воена логистичка поддршка за украинската војска
Американскиот весник „Волстрит журнал“ објави голем извештај од огромен фабрички комплекс, каде што стотици техничари работат деноноќно на еден од најголемите предизвици на војната во Украина: поправка на артилеријата и на тешкото оклопно оружје за да може што побрзо истите тие да се вратат во редовна употреба на боиштето

Фабриката за поправка и репарација на украинската артилерија и тешко оклопно оружје оштетено од руските сили е со големина на фудбалско игралиште. Според статијата на американскиот весник „Волстрит журнал“, деновиве таму интензивно се работи на три „АХС крабс“, полски самоодни хаубици, а воздухот мириса на метален прав и автомобилско масло. На споменатите оклопни орудија, кои личат на тенкови, но се самоодни хаубици од 155 мм, им недостигаат тркала, преполни се со дупки од куршуми и имаат искривен оклоп.
Друг т.н. „краб“ (оклопно орудие – самоодна хаубица 155 мм), кој стои малку издвоен, веќе е блескаво чист и подготвен да биде вратен во Украина по истата маршрута што се користи за најголемиот пренос на оружје во Европа од Втората светска војна.
Секое тешко оружје бара до два месеца поправки за да се поправи. Механичарите мора да поминат неколку безбедносни проверки пред да им биде дозволено да влезат во фабричкото коло. Новинарите на „Волстрит журнал“ во својата статија напишаа дека таму ветиле дека нема да ја откриваат локацијата на фабриката.
Покрај поправките во Полска, механичарите биле во постојан контакт со своите колеги во Украина, од кои многумина биле цивили пред војната. Тие се учат преку апликации за шифрирање како да го поправат секое оружје, од тенкови до проектили.
Полска ќе стане носител на операцијата за одржување на „леопардите“ и „абрамсите“

Одржувањето и поправката на муницијата е голем предизвик во војната во Украина, а таа наскоро ќе стане уште посложена по најавата дека европските сојузници ќе испратат дури 100 тенка „леопард 2“ од германско производство, како и по најавата на администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден дека ќе испрати 31 тенк „М1 абрамс“ во Украина.
Полските власти очекуваат „абрамс“ да биде поправен во Познањ, Полска, при што таа ќе стане носител на операцијата за одржување на оружјето, по Чешка, Романија и Бугарија. Полска, исто така, најверојатно ќе игра клучна улога во одржувањето на „леопардот“, бидејќи тие имаат огромно искуство со тенкови поради сопствената индустрија.
Досега Украина користеше претежно тенкови „Т-72“ од советската ера, вклучувајќи ги и оние добиени од поранешните советски сателити, како што е Полска. По една година интензивни борби, тенковите и артилериското оружје претрпеа големи оштетувања, а голем број топовски цевки беа искривени од честото пукање. За да останат употребливи, не им треба само поправка туку и делови, плус муниција од советски калибар, која Западот не ја произведува во значителни количества.
Во Полска, гореспоменатите хаубици 155 мм – „краб“, првпат произведени во 2017 година, се сервисираат во објект во сопственост на Полската групација за вооружување, државна компанија за оружје. Објектот за поправка на оружје е надгледуван од вооружени вработени во Агенцијата за внатрешна безбедност, задолжени да забележат потенцијална саботажа. Ова не е попусто преземено како безбедносна превентива, туку затоа што такво нешто веќе се случило во фабрики во други земји, како што е Бугарија.
Секој од околу 400-те вработени во склопувањето и производството и секој посетител мора да бидат полски државјани. Процесот на проверка на вработениот, без разлика на звањето, може да трае неколку месеци.
Фабриката работи 24/7 во три смени, а механичарите редовно се во контакт со Украинците на бојното поле. Тие споделуваат информации за најдобрите техники за поправка со размена на шифрирани пораки и користење на апликацијата ХелпДеск (HelpDesk) за да им помогнат да ги решат проблемите. Полските механичари тврдат дека еднаш научиле украински поштар што станал војник како да поправи проектил со помош на апликација за разговор.
Полските власти рекоа дека објектот наскоро би можел да се справи со поправката и одржувањето на опремата од странско производство, но одбија да дадат какви било детали.


Високи парични награди на приватна руска компанија за уништување на западните тенкови на украинското боиште

Во Русија почна да се лицитира со идеи за „најдобрата можна формула за уништување на западните софистицирани тенкови „леопард 2“ и „абрамс“ и мотивирачките фактори за руската војска по таа основа“.
Имено, Кремљ ја поздрави понудата на руска компанија да „плати награда“ за војниците што уништуваат тенкови од западно производство на бојното поле во Украина, велејќи дека тоа дополнително ќе ги охрабри руските сили да се борат. Руската компанија „Форес“ оваа недела понуди пет милиони рубли (65.000 евра) во готовина на првите војници што ќе ги уништат или ќе ги запленат тенковите „абрамс“ од американско производство или германските „леопард 2“ во Украина. И портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, во тој контекст мотивирачки за руските војници изјави дека тие „ќе ги ’запалат’ сите западни тенкови доставени до Украина“, а за наградите спомена дека се дополнително охрабрување за руските војници.
„Форес“, компанијата со седиште во Екатеринбург што стои зад понудата, само пред неколку дена соопшти дека покрај наградата од пет милиони рубли за фаќање или уништување на првиот тенк, ќе плати и 500.000 рубли (6.500 евра) за секој следен тенк.
– Одлуката за префрлање на западните тенкови во Киев покажува дека НАТО повеќе не ја снабдува Украина само со одбранбено оружје и значи дека мора да ја консолидираме и да ја поддржиме нашата армија – објави компанијата „Форес“.
Исто така, во горниот контекст се издвојува и минатонеделната изјава на гувернерот на сибирскиот регион Забајкалски, Александар Осипов, кој вети и награда од три милиони рубли (39.000 евра) за заплена на тенкот „леопард 2“ од германско производство и 1,5 милион рубли (19.600 евра) за фаќање на американскиот „М1 абрамс“.