Со појавата на првиот случај на дистемпер – болест, односно вирус што ги напаѓа и кучињата, но не е опасен за луѓето, во прифатилиштето на ЈП „Лајка“ на крајот на минатата година беа воведени и спроведени низа превентивни мерки. Прифатилиштето беше 30 дена под целосен карантин и фокусот беше на третман на заболените кучиња, со што ситуацијата во моментот е под контрола. По истекот на карантинскиот период, тие продолжија со редовните работни активности, вклучувајќи го и спроведувањето ветеринарни интервенции, односно стерилизација и кастрација.
– Во период од 11.1 до 31.1.2023, направени се рекордни 85 стерилизации и кастрации. Удел во успешното справување со овој проблем имаат и граѓаните, кои во огромен број се одзваа на нашиот повик лично да донесат бездомно куче на хуман третман во прифатилиштето и за тоа сме им неизмерно благодарни – велат од „Лајка“.
Отворениот повик за кој било граѓанин да донесе бездомно куче на третман сè уште е во тек и ќе биде сѐ додека има интерес од истото тоа.
– Ги повикуваме сите граѓани да го донесат својот маалски миленик на третман, со цел уште многу успешни месеци во решавање на проблемот со бездомната популација на кучиња – потенцираат оттаму.