Рон ДеСантис, гувернерот на Флорида, ја опиша како историска штетата која ураганот „Ијан“ ја предизвика во јужната американска држава. Тој рече дека ќе бидат потребни години за државата да се опорави од ураганот.
Десантис на прес-конференција соопшти дека засега има сомнежи оти две лица станале жртви на стихијата. Тој рече дека ураганот го променил изгледот на голем дел од државата, а на некои места нивото на водата се зголемило за половина метар за неколку часа.
– Никогаш не сме виделе вакви поплави – рече тој.
Засега се уште е рано да се процени штетата, наведуваат американските медиуми.
Ураганот вчера попладне по локално време ја погоди државата Флорида како бура од четврта категорија. Тој го погоди копното во југозападниот дел на државата пред да продолжи да напредува кон исток. Потоа ослабе до тропска бура.
Утрово повеќе од 2,6 милиони домови и деловни објекти на Флорида се без струја од вкупно 11 милиони.
Американскиот претседател Џо Бајден прогласи состојба на значајна природна катастрофа за државата, овозможувајќи да се деблокираат дополнителни федерални средства за погодените области.
Форт Мајерс, Кејп Корал, Пунта Горда, островите во окрузите Ли, Шарлот и Колиер се тешко погодени. Во централно-источниот дел на државата поплавите, исто така беа катастрофални.
Ураганот „Ијан“ можно е да предизвикал „значителна“ загуба на животи на Флорида и да стане најсмртоносниот ураган што некогаш ја погодил јужната американска држава, изјави денеска Бајден. Тој рече дека бројките се уште не се јасни, но дека доаѓаат првите информации за човечки загуби, кои би можеле да бидат „значителни“.
– Тоа би можело да биде најсмртоносната катастрофа во историјата на Флорида – рече Бајден за време на обиколката на просториите на Федералната агенција за управување со катастрофи (ФЕМА).
Бурата сега се движи кон Јужна Каролина, а потоа се очекува да се врати над океанот до крајот на денот. Според метеоролозите, „Ијан“ може повторно да зајакне.
На Куба, од каде ураганот помина пред да ја погоди Флорида предизвика прекин на електричната енергија во голем дел од земјата, пренесе ТАСС. Голем дел од главниот град Хавана остана без струја, а општинските работници продолжуваат да ги чистат улиците од паднатите дрвја.