Фото: Пиксабеј

Организирањето на каков било глобален мировен самит за Украина што ја исклучува Русија е едноставно „апсурдно“ и нема да биде успешно, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Песков во интервју за рускиот медиум „Аргументи и факти“ изјави дека Русија ја продолжува својата војна против Украина, која трае повеќе од две години, за да се заштити од Западот.

– Може ли украинскиот проблем да се реши без учество на Русија? Одговорот е јасен – не може. Затоа што Украина е претворена во инструмент во рацете на колективниот Запад, со чија помош има намера, како што изгледа, да изврши уште поголем притисок врз Русија, да ја запре Русија – рече Песков во интервјуто што го дал минатиот четврток, еден ден пред масовното пукање во концертна сала во близина на Москва.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски повика на меѓународен мировен самит, а претходно оваа година Швајцарија соопшти дека ќе биде домаќин и дека се разговара за датумот и деталите.

Рускиот претседател Владимир Путин претходно го отфрли украинскиот мировен план кој предвидува повлекување на руските сили и враќање на границите на Украина од 1991 година, вклучувајќи го и Крим, кој Русија го зазеде и анектираше во 2014 година. Тој го опиша како „неостварлив“.

Песков повтори дека планот е незамислив и ја осуди намерата на Европската Унија и другите земји да користат замрзнати руски средства за помош на Украина.

– Верувам дека Европејците сфаќаат дека ќе ја оспориме таквата одлука – рече тој.