Пет лица, меѓу кои и еден тинејџер, се тешко повредени во масовно пукање поврзано со трговија со дрога во западна Франција, изјави министерот за внатрешни работи Бруно Ретело, пишува Гардијан.
Престрелката се случила синоќа околу 22 часот и 45 минути, а притоа 15-годишно момче се здобило со опасни по живот повреди на главата. Повредени се и две други 16-годишни момчиња, јавува денеска телевизијата БФМ, повикувајќи се на полициски извори.
Министерот за внатрешни работи Бруно Ретело додаде дека „стотици луѓе“ – според првите проценки меѓу 400 и 600 – биле вклучени во пукањето во ресторанот, кое прераснало во конфликт.
Според првите резултати од истрагата, пукањето се случило на плоштадот Коамбра, место познато по трговија со дрога.
Истрелите ги испукале лица од автомобил, кои веднаш побегнале, велат полициски извори на кои се повикува БФМ.
Кога полицијата дошла на местото на настанот констатирала петмина повредени, како и десетина дупки од куршуми на шанкот од ресторанот.
Младите од таа населба ѝ кажале на полицијата крвавиот настан е резултат на затегнатост меѓу ривалските банди, која во најтензичниот момент прераснала во конфликт во кој учествувале стотици луѓе.
Министерот за внатрешни работи потврди дека овој конфликт е поврзан со трговија со дрога.
-Денес конфронтациите меѓу нарко бандите веќе немаат граници… Вакви престрелки не се случуваат во Јужна Америка, туку во Рен, Поатје, во западна Франција, кој некогаш беше познат како мирен регион. Ова е пресвртница. Денеска сме соочени со избор меѓу општа мобилизација и мексиканизација на земјата – заклучи францускиот министер за внатрешни работи.