Криминалните мрежи што функционираат низ ЕУ сè почесто се мултинационални, за разлика од порано кога се зборуваше за криминални групи што потекнуваат од една земја или од одреден регион. Според анализата на составувачите на извештајот, дури 65 отсто од криминалните групи активни во Унијата се составени од членови од повеќе националности. Безбедносните служби во своите извештаи наведуваат и уште еден нов момент, до неодамна речиси неприсутен на европските простори. Имено, полициските екипи затекнаа на самото место и лишија од слобода мексикански лабораториски специјалисти – познати и како „готвачи“ – кои работеле на производствени локации во неименувани земји на Унијата

НАЈНОВ ИЗВЕШТАЈ НА ЕВРОПОЛ И НА АМЕРИКАНСКАТА УПРАВА ПРОТИВ ДРОГАТА

Европол и Американската управа за борба против дрогата (ДЕА) неодамна издадоа заеднички извештај, со кој се расветлува вмешаноста на мексиканските криминални актери на пазарот на дрога во Европа. Извештајот покажува дека мексиканските картели и европските криминалните мрежи работат заедно за да шверцуваат метамфетамин и кокаин од Латинска Америка во земјите во Европската Унија.

ИНТЕРНАЦИОНАЛНИ КРИМИНАЛНИ ГРУПИ ДЕЈСТВУВААТ ВО ЕУ

Оваа нова форма на криминална соработка не е изненадување за властите, кои низ годините веќе забележаа голем број вакви сомнителни случаи во кои се гледаше вмешаноста на картели од Мексико. Но овој пат, новиот момент е што соработката се протега и на производството на метамфетамин и кокаин во некои земји-членки на ЕУ. И покрај тоа што засега нема индикации за постоење пазар на фентанил во ЕУ, откривањето капацитети за негово производство и запленувањето на супстанцијата на европска почва предизвикува загриженост за потенцијален развој на пазарот на фентанил.
Со наслов „Комплексности и погодности во меѓународната трговија со дрога: вклучување на мексиканските криминални актери на пазарот на дрога во ЕУ“, публикацијата во која е содржан извештајот претставува резултат на систематска и континуирана размена на оперативни и стратегиски информации. Во извештајот паѓа во очи нагласениот податок дека криминалните мрежи што функционираат низ ЕУ сè почесто се мултинационални, за разлика од порано кога се зборуваше за криминални групи што потекнуваат од една земја или од одреден регион. Според анализата на составувачите на извештајот, дури 65 отсто од криминалните групи активни во Унијата се составени од членови од повеќе националности.
Покрај ова, заедничкиот извештај покажува како инволвираните криминални мрежи соработуваат една со друга, особено преку употреба на специјализирани актери во различни точки од нивното работење. Поимот специјализирани актери подразбира криминалци што се вклучени само во одреден сегмент од работата на криминалната мрежа, а во другите активности воопшто не учествуваат, а често и немаат никакви сознанија за тоа. Конкретно, станува збор за олеснувачи, како што се брокери, специјалисти за лаборатории, пратеници, посредници и даватели на услуги за перење пари.
Во таквата констелација, нов момент е присуството на мексикански криминални актери, кои остваруваат тесна соработка со локални криминалци и групи, што сериозно се одразува на пазарот на дрогата.

Картелски „готвачи“ во служба на криминалните мрежи

Безбедносните служби во своите извештаи наведуваат и уште еден нов момент, до неодамна речиси неприсутен на европските простори. Имено, полициските екипи затекнаа на самото место и лишија од слобода мексикански лабораториски специјалисти – познати и како „готвачи“ – кои работеле на производствени локации во неименувани земји на Унијата. Овие актери во криминалното милје се сметаат за особено важни поради нивното единствено знаење за тоа како да се произведат повисоки приноси на помоќен краен производ и да се добијат поголеми и попрофитабилни кристали на метамфетамин.
Во извештајот, исто така, се наведува и разгранетата соработка на мексиканските картели со криминални мрежи со седиште во ЕУ за да транспортираат и метамфетамин и кокаин до европските пристаништа. Дрогата оттаму се дистрибуира во европските земји или транзитира до уште попрофитабилните пазари во Азија и на Океанија.
Употребата на иновативни методи за пакување и шверц на дрогата – како што е кокаинот скриен во блокови од мобилен термички бетон – или плановите за воспоставување маршрути за шверц на кокаин од Колумбија до аеродромите во јужна Италија со помош на приватни авиони, ја покажуваат постојано еволуирачката природа на овие криминални активности.
Она што ги загрижува властите во европските земји е сѐ поголемиот број корумпирани функционери во јавниот и во приватниот сектор, кои дејствуваат како олеснувачи и помагаат да се зголеми веројатноста за успешно шверцување пратки со дрога во ЕУ.
Сите овие најнови сознанија дополнително го креваат нивото на готовност на безбедносните органи низ Европа, бидејќи во преден план избива американското искуство со мексиканските криминални организации. На почвата на САД, мексиканските картели имаат историја на основање центри за шверц на дрога и силни криминални партнерства со локалните банди, што подразбира употреба на насилство за да добијат контрола над територијата каде што дејствуваат. Зголеменото присуство на мексиканските картели во Европа, исто така, се заканува да резултира со зголемен профит за нив и нивните локални криминални соработници, што истовремено може да предизвика зголемување на насилството во Европа.