Киев и Москва разменија заробеници
Украина обезбеди ослободување на 49 лица од руско заробеништво во последната размена на заробеници со Москва, потврди украинскиот претседател Володимир Зеленски. Оваа размена, 56-та по ред од почетокот на војната, беше извршена со посредство на Обединетите Арапски Емирати. Зеленски изрази задоволство од враќањето на неговите сонародници, нагласувајќи ја важноста од враќањето на сите војници и цивили што се во руско заробеништво. Меѓу ослободените има и припадници на украинските вооружени сили, национална гарда, полиција, гранична стража, како и седум цивили.
Руското Министерство за одбрана соопшти дека Русија и Украина размениле 103 воени заробеници.
Некои од ослободените Украинци, наводно, учествувале во жестоки борби во Мариупол, вклучувајќи ја и одбраната на фабриката за челик „Азовстал“. Станува збор за припадници на баталјонот „Азов“, чии 15 члена се вратени во Украина.
Украинскиот народен правобранител Дмитро Лубинец објави дека од почетокот на војната се вратени 3.569 лица од руското заробеништво. Размената на затвореници стана почеста меѓу Киев и Москва, а оваа размена доаѓа откако Украина во август изврши воен упад во руската област Курск, за што украинските извештаи велат дека резултирало со заробени 600 руски војници.
Р.С.