Тел Авив – Американскиот државен секретар Мајк Помпео е на петдневна турнеја на Блискиот Исток, фокусирана врз нормализацијата на односите меѓу Израел и Обединетите Арапски Емирати, односно намерата на САД и другите арапски држави да го следат тоа. Помпео вчера во Ерусалим се состана со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, при што разговараа за неодамна објавениот историски договор меѓу Израел и САД, посредуван од Вашингтон.

Гитагеа – Најмалку 15 лица загинаа во оружен напад во јужниот дел на Бурунди, но сѐ уште официјално не е потврдено дали жртвите се припадници на безбедносните сили, цивили или напаѓачите, јави АП. Висок владин претставник изјави дека нападот, кој се случи во моментот кога во земјата се одржуваа локални избори, не бил неочекуван и е потенцијално поврзан со репатријацијата на бегалците од Руанда.

Вашингтон – Во американската сојузна држава Висконсин полицијата, реагирајќи на повик за семејно насилство, пукала во еден Афроамериканец, кој е тешко ранет и е во животна опасност. Ранетиот маж во болница го пренела полицијата. Инцидентот се случил во понеделникот вечер, а набргу на местото на настанот се собрале група граѓани, кои почнале да протестираат, при што избиле нереди во градот. Полицијата засега не објаснува зошто полицајците пукале, а инцидентот ќе го истражува Министерството за правосудство.

Берлин – Германскиот министер за надворешни работи, Хајко Мас, треба да разговара со Атина и со Анкара за нивниот меѓусебен спор во врска со природниот гас во источниот дел на Средоземно Море, јави Ројтерс. МНР соопшти дека Германија жали за одлуката на Турција да ги прошири активностите на истражувачкиот брод. Тензиите меѓу членките на НАТО се зголемија откако Турција го испрати истражувачкиот брод „Оруч реис“, придружуван од воени бродови, за да направи истражување за наоѓалишта на нафта и гас на територијата за која двете земји тврдат дека имаат јурисдикција.