Руската Федерација е во постојан контакт со Србија и побара итни консултации во врска со ситуацијата по санкциите на САД врз нафтената индустрија на Србија, кои бараат повлекување на рускиот капитал од НИС – изјави денеска рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.
-Во контакт сме со нашите српски пријатели, побаравме итни консултации. Се надеваме дека ќе добиеме одговор што е можно поскоро – рече Лавров на годишната прес-конференција, пренесе „Танјуг“, повикувајќи се на руската агенција „РИА Новости“.
Според него, ситуацијата, дури и од „правна гледна точка, бара храбри одлуки“. Тој оцени дека САД и ЕУ и ги „виткуваат рацете“ на Србија, барајќи од неа да ја предаде Русија. Србија се најде под строги санкции, но не направи ништо за да ги донесе, изјави минатиот петок српскиот претседател Александар Вучиќ, по одлуката на Министерството за финансии на САД да санкционира повеќе од 200 субјекти кои работат во рускиот енергетски сектор, вклучително и нафтената индустрија на Србија. (НИС).
Сите средства на овие субјекти во САД ќе бидат блокирани. Во своето обраќање до јавноста по веста од Вашингтон, Вучиќ истакна дека Американците велат дека немаат намера да ја таргетираат Србија, ниту НИС, туку дека ова е сеопфатен напад врз руските компании и сите поврзани компании поради војната на Русија во Украина.
Српската влада го продаде НИС на рускиот Гаспром Нефт во 2008 година, а според податоците на Централниот депозитар за хартии од вредност, Гаспром нефт и Гаспром имаат 56,15 отсто сопственост, додека 29,87 отсто се во сопственост на Србија.