Европскиот зелен план ќе се одрази и на безбедносните сили, кои за 30 отсто мораат да ја намалат емисијата на јаглероден диоксид што се емитува со ладење, греење и други различни активности на воениот комплекс
Куриозитети од Европскиот парламент: воените авиони и тенкови да ја намалат емисијата на штетни гасови!
Борбата против климатските промени мора да биде дел од безбедносната и надворешната политика на Европската Унија. Соочувањето со последиците од климатските промени, кои, според европските граѓани се најголема закана, треба да се одвива и преку намалување на емисијата на штетни гасови од користењето на воените авиони и тешките оклопни возила, но тоа не смее да влијае и на намалување на капацитетот на вооружените сили на земјите-членки на Унијата…
Ова се дел од пораките со кои се согласи мнозинството пратеници во текот на расправата во Европскиот парламент, која се одржа во понеделникот. Европратениците на пленарната седница во Стразбур расправаа за извештајот за планот на Европската служба за надворешно дејствување за климатските промени и одбраната, со кој се бара воените активности да се усогласат со целите на Унијата во поглед на климатската неутралност на европскиот континент.
Европскиот зелен план се одразува и на безбедносните сили, кои за 30 отсто мораат да ја намалат емисијата на јаглероден диоксид, кој се емитува од ладење, греење и давање различни услуги во воениот комплекс.
– Треба да се здружиме во дејствувањето и да имаме единствена климатска и одбранбена стратегија затоа што тоа се најголеми безбедносни предизвици и закани. Потенцијали постојат и можеби и порано треба да се разгледаат пред да се премине и на тенкови на електричен погон – изјави Томас Вајц, австриски пратеник од редовите на зелените.
Оливер Вархеи, повереникот на Европската комисија за соседство и проширување, смета дека климатските промени доведуваат до поголема нестабилност и затоа вооружените сили треба повеќе да вложуваат во истражување и развој.
Францускиот пратеник од Либералната партија, Кристоф Грудлер, потенцираше дека вооружените сили се меѓу најголемите потрошувачи на фосилни горива.
– Тешко е да се влијае на климатските промени ако не ја разгледаме можноста за користење други горива кога станува збор за воените возила. Тоа е нешто што ќе ја намали нашата зависност од трети земји – изјави Грудлер.
Германскиот пратеник на крајната десница, Бернахард Зимниок, забележа дека не може да се гарантира воена безбедност со „зелени методи“, затоа што тоа ќе доведе до неуспех.
– Треба да одиме по реалниот пат: еколошката иднина да се земе предвид при донесување на сите идни одлуки. Но главниот аспект мора да биде нашата можност да се одбраниме – порача Зимниок.
Пратеникот од конзервативците од Чешка, Александр Вондра, прашањето за климатските промени го спореди со комунистичка Чехословачка, во која „тогаш се зборуваше за класна борба, а сега сѐ се врти околу климатските промени“. Тој рече дека ќе гласа против овој извештај.
Подготвил: Митко Јовановски