Фото: ЕПА

Техеран денеска повторно ја предупреди Бугарија да не дозволува користење на нејзината територија за американски или израелски воени операции против Иран, нагласувајќи дека го задржува правото да одговори со напад врз изворот на евентуалната агресија.

Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багеи, изјави дека Иран нема проблем со бугарскиот народ, но оти секоја поддршка за американско-израелските воени операции против Иран може да се смета за учество во агресијата.

Багеи порача дека земјите немаат причина да се загрижуваат од Иран, освен доколку дозволат нивните територии и воени бази да бидат користени за напади врз Иран.

Тој посочи дека Иран го задржува правото да го нападне местото од кое би потекнувал евентуален напад, додавајќи дека Техеран е подготвен да ги брани своите територија и интереси.

Иранските власти особено реагираат на информациите дека американски авиони-цистерни за снабдување со гориво претходно ја напуштиле бугарската територија. Според Багеи, присуството на такви авиони во бугарска воена база претставува поддршка за американските и израелските воени операции против Иран.

Бугарскиот парламентарен одбор за одбрана минатиот месец го одобри предлогот на владата за привремено распоредување американски авиони-цистерни и американски воен персонал во воздухопловната база Безмер.

Овој потег предизвика остри реакции од Техеран. Багеи и претходно предупреди дека евентуалното учество на Бугарија во планирањето или спроведувањето на воени операции против Иран би претставувало соучесништво во „чин на агресија и воени злосторства“.

На крајот, Багеи порача дека Иран „подолго време игра шах“, но дека во последните години „научил да игра и покер“, алудирајќи на развојот на воената и стратешката политика на Техеран.