Мирисот на чад што попладнево се чувствува во делови од Скопје доаѓа од пожарот на планината Жеден, во атарот на селото Бојане, информира директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов.
Според него, пожарот досега се ширел од тетовската кон скопската страна и се наоѓа на тешко пристапен терен, што дополнително го отежнува неговото гаснење.
Во интервенцијата, покрај скопските пожарникари, се вклучени и нивни колеги од Тетово.
Ангелов очекува пожарот да биде ставен под контрола во текот на попладневните часови.
Претходно, од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека чадот што се забележува над Скопје доаѓа од пожарот на Китка, во општините Студеничани и Зелениково, на кој интервенирал и хеликоптер на МВР.
Со најновата информација од ДЗС, како извор на чадот што се чувствува во делови од Скопје се посочува и пожарот на Жеден.

































