Израелскиот државен врв синоќа соопшти дека сите членови на палестински Хамас се „мртви луѓе“. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и министерот за одбрана Јоав Галант на прес-конференција кажаа дека изјавата ги вклучува и оние оперативци на Хамас надвор од Појасот Газа.
Галант додаде дека „нема разлика меѓу терорист со калашников и терорист во триделен костим“, што се чини дека е алузија на лидерот на исламскиот екстремистички Хамас, Исмаил Ханија, за кого се верува дека живее во Катар.
Заедно со веста, израелските медиуми објавија фотографија на Ханија од 1 ноември, кога тој на телевизија повика на „политичко решение“ на конфликтот со Израел.
Израелскиот министер за одбрана синоќа кажа дека Израелските одбранбени сили (ИДФ) продолжуваат силно да го напаѓаат Хамас и наскоро ќе почнат да дејствуваат и на југот на Појасот Газа.
Тој објасни дека втората фаза од копнената инвазија е во тек и дека армијата дејствува и на исток, не само на северот на Појасот Газа, и дека Хамас останува без тунели, бункери, контролни пунктови, а дека многу високи команданти се убиени.
Галант процени дека секој ден има се помалку места каде што „терористите на Хамас можат да се движат“ и дека оние што се кријат на југот, каде ИДФ допрва треба да испратат копнени сили, „наскоро ќе го почувствуваат тоа“.
Министерот зборуваше и за семејствата на заложниците киднапирани на првиот ден од нападот на Хамас на југот на Израел на 7 октомври и однесени во Газа и рече дека со нив се среќава секоја недела и дека нема поголем приоритет од нивниот враќање.
Галант смета дека Хамас „си игра со емоциите на семејствата и израелската јавност, но дека воениот кабинет е решен заложниците да бидат ослободени“.
– Она што се случи на 7 октомври е полошо од било кој друг феномен во светот во изминатите децении. Тоа е Хамас и Хамас ја разбира само силата – рече Галант, додавајќи дека е се појасно дека одлуката да се оди во војна за да се уништи Хамас и да се вратат заложниците е правилна.
Весникот „Вашингтон пост“ синоќа објави дека Израел и Хамас се се’ блиску до постигнување договор за прекин на огнот, пренесе ДПА.
Во договорот за кој се преговара под посредништво на САД, двете завојувани страни размислуваат за петдневен прекин на огнот за време на кој би можеле да бидат ослободени десетици израелски заложници кои ги држи исламистичката терористичка организација во Појасот Газа, јавува весникот, повикувајќи се на лица запознаени со преговорите.
Портпаролката на Советот за национална безбедност на САД, Адриен Вотсон, во одговор на написот на американскиот весник, на платформата „Екс“ напиша „сè уште не постигнавме договор, но продолжуваме да работиме напорно за да постигнеме договор“.
Според „Вашингтон пост“, ослободувањето на заложниците би можело да почне во следните неколку дена, под услов да не се појават проблеми во последен момент.
Прекинот на непријателствата треба да овозможи и значително поголема хуманитарна помош, вклучително и гориво, да стигне до Појасот Газа од Египет.
Нацрт-договорот беше разработен во неколкунеделните разговори во катарскиот главен град Доха меѓу Израел, САД и Хамас.