Франција постави ултиматум, а Германија истоветно возврати во врска со суштинското прашање за енергијата, енергентите и целокупните референци поврзани со ова прашање. Таквиот меѓусебен конфликт, кој дополнително ги влоши заемните односи, е предизвикан од микс на два предизвика: комбинацијата на енергетската криза и зелената транзиција на Европската Унија!
Несогласувањата за цените на енергентите и за основните елементи на зелениот договор меѓу Франција и Германија влегуваат во ќор-сокак
И додека поголемиот дел од дискусијата е за улогата на нуклеарната енергија во идниот енергетски пристап на Европа, во самата суштина на несогласувањето е всушност прашањето каде се наоѓа индустриското срце на Европската Унија.
Зошто позициите во фундаментот на Унијата сѐ повеќе се заоструваат?
И покрај падот на цените од рекордното ниво минатата година, позициите се заострија, а Франција и Германија бараат начини да продолжат додека Европа се стреми да постигне јаглеродна неутралност, пишува „Блумберг“.
– Владите и во Париз и во Берлин сакаат да обезбедат електрична енергија по најниска можна цена. Тоа е речиси прашање на политички опстанок – вели Кристијан Егенхофер, виш истражувач во аналитичкиот центар ЦЕПС во Брисел.
По протестите на „жолтите елеци“ во Франција пред пет години, цените на енергијата остануваат експлозивна тема за претседателот Емануел Макрон и неговата влада.
Коалицијата на канцеларот Олаф Шолц во Германија исто така е под притисок откако нивната поддршка испари по невештите реформи спроведени пролетта за одвикнување од греењето на домовите и становите со фосилни горива. Опозициските партии во двете земји сега ја ловат таа сламка.
ЕУ тешко може да си дозволи долг конфликт во рамките на своето индустриско јадро. Законот за антиинфлација на американскиот претседател Џо Бајден предизвика загриженост дека САД ги отфрлаат инвестициите, додека неодамнешната истрага за кинеските субвенции за производителите на електрични возила ја одразува растечката вознемиреност поради конкурентната закана што ја претставува азиската суперсила.
Несогласувања меѓу Франција и Германија и за зелениот договор
Несогласувањата за цените на енергентите се само еден аспект од тензиите меѓу двете земји. Франција и Германија не се согласуваат околу основните елементи на зелениот договор. Како прво, Германија ја задржа одредбата за забрана на возила со мотори со внатрешно согорување до 2035 година поради исклучоци поврзани со т.н. е-горива. По тоа, Франција се заложи за слично ослободување, овој пат поврзано со нуклеарната енергија како дел од Законот за обновлива енергија.
Сега Франција се обидува да добие предност со ревизија на правилата за пазарот на електрична енергија на Европската Унија за да го продолжи животот на нејзините застарени и задолжени нуклеарни реактори. Доколку е успешен, планот всушност ќе ѝ овозможи на владата да обезбеди поголема стабилност за државната ЕДФ (Electricite de France S.A.) и да се користат нови извори на финансирање за продолжување на животниот век на француските реактори.
А таа француска комунална компанија има очајна потреба од нова финансиска инјекција. ЕДФ вели дека можеби ќе треба да инвестира 25 милијарди евра годишно за да ја продолжи работата на 56 реактори од 1980-тите и 1990-тите, да изгради нови нуклеарни реактори и ветерни и соларни фарми и генерално да ја модернизира мрежата. Проблемот е што енергетскиот гигант веќе е оптоварен со долг од 65 милијарди евра.
Берлин ја блокира иницијативата додека Германија се бори да го обнови сопствениот енергетски систем по прекинот на рускиот гас минатата година и евентуалното затворање на сите нуклеарни реактори. Најголемата европска економија е загрижена дека Франција ќе биде во позиција да ги намали цените на енергентите во Германија доколку Париз му дозволи на ЕДФ да продава енергија под пазарната цена.
– Поентата на несогласување е дека француската енергетска инфраструктура е во државна сопственост – рече германскиот министер за економија Роберт Хабек во Росток.
Ова, всушност, беше одговорот на неговиот француски колега Бруно Ле Мер, кој претходно изјави дека нуклеарната енергија претставува „црвена линија“ за неговата земја.
Зошто Германија се плаши дека ќе ја изгуби индустриската база и како Франција привлече 50 отсто повеќе директни инвестициски проекти отколку Германија во последните две години?!
Без сигурен пристап до прифатлива цена на енергија, Германија се плаши дека компаниите што трошат многу енергија ќе инвестираат на друго место и „на тој начин ќе ја изгубиме таа индустриска база“, рече Хабек.
– Мојата поента не е дека Франција има нуклеарни централи, туку дека операторите на нуклеарните централи можат да понудат енергија по цени под пазарните – додава министерот.
И секако има причина за загриженост. Со сè уште високите цени на енергијата и сомнителната безбедност на снабдувањето додека земјата се обидува да се одвикне од зависноста од јаглен, Франција привлече речиси 50 отсто повеќе директни инвестициски проекти отколку Германија во последните две години.
Довербата во успехот на енергетската транзиција на Германија – која вклучува ризично проширување во водород – драстично опадна кај германските бизнисмени. Дури една третина од производителите размислуваат да се преселат во друга земја или веќе го започнале тој процес, покажува истражувањето на Германската трговска и индустриска комора. А Франција е подготвена да им понуди сѐ.
Најголемиот германски производител на алуминиум „Тримет“ минатата година мораше да го намали производството поради енергетската криза. Но, среќата се сврте кон една од нивните топилници во Сен-Жан-де-Мориен, југоисточна Франција, откако ЕДФ им понуди на француските капацитети на „Тримет“ нов десетгодишен договор за снабдување со електрична енергија под пазарните цени во јуни. Евтината нуклеарна енергија на Франција му овозможи на „Тримет“ да ја унапреди својата „зелена трансформација“, изјави тогаш извршниот директор Филип Шлутер.
– Индустриската конкуренција е важен елемент во разговорите меѓу Германија и Франција. Германија се соочува со фактот дека Франција може да има поевтина струја од своите нуклеарни централи во годините што доаѓаат – вели Кристијан Руби, генерален секретар на здружението на европскиот енергетски сектор „Еуреелектрик“.
За да одговори на ова, Хабек предложи привремено субвенционирање на цените на енергијата за индустријата, но широка поддршка за оваа идеја сè уште недостига. Според Клаудија Кемферт, експерт за енергија во германскиот Институт за економски истражувања во Берлин, ризикот од планот е да се продолжи со поддршката на неефикасните производители и да се забави толку потребната транзиција кон чиста енергија.
– Германските амбиции за субвенционирање на цената на струјата за индустријата се исто толку погрешни како и француските. Двете земји треба да се договорат за најбрзата можна транзиција кон обновливите извори на енергија – вели Кемферт.
Притисокот се зголемува во Париз бидејќи тамошниот закон, кој ја обврзува ЕДФ да продава големи количества електрична енергија со голем попуст, истекува на крајот на 2025 година.
Висок советник на француската влада вели дека, според новите прописи што треба да се воведат наскоро, идните цени во Франција на крајот ќе бидат слични на оние во Германија и дека двете земји најверојатно ќе се договорат за слични цени на електричната енергија за своите индустрии.
Спорот меѓу двете Франција и Германија не е добар за Европа
Франција и Германија се на различни страни на овој енергетски конфликт, а нивните разлики е речиси невозможно да се премостат. Додека Германија на крајот ги затвори сите свои преостанати реактори, Франција добива околу две третини од својата електрична енергија од нуклеарните централи. Но тој систем има очајна потреба од надградба, а серијата прекини – што поттикна рекорден пораст на цените на електричната енергија во Франција минатата година – нагласува колку е итно обновувањето.
И додека Франција и Германија продолжуваат да се расправаат, времето за постигнување договор истекува. Доколку спорот не биде решен до крајот на оваа година, изборите за Европскиот парламент следната година би можеле да го запрат напредокот во разговорите. Во меѓувреме, другите големи индустриски сили не стојат во место.
– Спорот меѓу двете земји не е добар за Европа – вели Хенрик Алерс, шеф на консултантската фирма EY во Германија.
Наместо тоа, ЕУ „треба да биде единствена кога станува збор за конкуренцијата со Кина и САД“. П.Р.