Во следните недели, Франција на Украина ќе и испорача уште шест хаубици „Цезар“ а исто така на месечно ниво ќе и испраќа и по 50 прецизно наведувани проектили, изјави денеска францускиот министер за одбрана Себастиен Лекорни.
Во интервју за радиото „Франс Ентер“, Лекорни рече „дека Франција и испорача 30 хаубици „Цезар“ на Украина од почетокот на рускиот напад врз Украина во февруари 2022 година“.
Тој рече дека Франција ќе испрати и околу 50 ракети А2СМ во Украина, приспособени за советски тип на авиони.
Ракетите „Шафран“ можат да носат бомби од 125 килограми до еден тон.
Во меѓувреме, француското Министерство за надворешни работи ги демантираше тврдењата на Русија дека француските платеници се борат во Украина.
Руското Министерство за одбрана претходно објави дека руските сили вчера убиле француски платеници во Харков, во напад во кој загинале најмалку 60 луѓе – пренесе „Ројтерс“.
– Франција и помага на Украина со воен материјал и воена обука, со целосно почитување на меѓународното право, со цел да и помогне на Украина во борбата за нејзиниот суверенитет, независност и територијален интегритет – соопшти француското Министерство за надворешни работи.
Во него се истакнува дека „Франција нема платеници, ниту во Украина, ниту на кое било друго место, за разлика од некои други“.