Пораките на кинескиот претседател Си Џинпинг пред Националниот народен конгрес ги потврдија амбициите на Пекинг за наредните пет години: приоритет на нацијата е тој како претседател да испорача брз економски раст! Во истиот контекст, Кина, со својот извозно ориентиран модел и способноста да привлече странски инвестиции и во комбинација со создавањето желба на Стариот Континент да биде ангажиран токму Пекинг во процесот на поширока заемна соработка на повеќе полиња, да придонесе во насока на обострани бенефиции и динамичен економски раст и за ЕУ и за Кина

Од анализата на институтот Европски совет за надворешни односи

Во Европа повторно се појавуваат „за и против“ отворените соработки со Кина, но „европските земји и компании треба да ја разберат важната улога што ја играат во овој нов контекст и да ја ребалансираат својата позиција кон Пекинг“. Вака резонира реномираниот Европски совет за надворешни односи (ЕЦФР). Имено, Европскиот совет за надворешни односи (ЕЦФР) е високорангиран меѓународен институт што има цел да спроведе современи независни истражувања за европската надворешна и безбедносна политика и да обезбеди поле за споделување идеи на носителите на одлуки, активисти и влијателни лица.

Краток осврт на ЕЦФР кон економските модели на Кина

Пекинг почна да се движи кон нов економски модел што ги негува домашниот пазар и индустриите со повисока додадена вредност, како што се високата технологија и иновациите, за да ја направи кинеската економија посамостојна и конкурентна. Ова е очигледно во стратегиите како што се „Произведено во Кина 2025“, „Кинески стандарди 2035“, како и „Стратегијата за двојна циркулација“ на Пекинг, која го комбинира домашното зајакнување со селективна соработка со странски компании и пазари. Следните пет години на кинескиот претседател Си Џинпинг ќе се однесуваат на постепено спроведување на постојните и на новите политики, со цел да се постигне висококвалитетен развој заедно со обезбедувањето на економскиот и на општествено-политичкиот живот. Во контекст на растечките кинеско-американски тензии, пандемијата и војната во Украина, кинескиот претседател Си Џинпинг во многу наврати акцентираше дека „безбедноста е основата на развојот, а стабилноста е предуслов за просперитет“. Тој усвои добро познат термин од реториката на ККП за да го опише овој напор како „барање напредок во стабилноста“.
Преку овој економски модел за раст, кинескиот претседател Си Џинпинг исто така се надева дека ќе им стави крај на некои домашни проблеми на Кина. Тој објасни дека постигнувањето заеднички просперитет би значело „да се стави народот на прво место“ преку борба против корупцијата, обезбедување поправедна распределба на приходите, усовршување на системот за социјално осигурување и подобрување на јавните услуги. Кинескиот претседател Си Џинпинг исто така го усогласи ова со неговите планови да спроведе „внатрешна реформа“ или „внатрешна револуција“ на партијата. Ли Кијанг, новиот кинески премиер, неодамна објасни дека приватните претпријатија ќе уживаат во подобра средина и поширок простор за развој и истакна дека владините претставници на сите нивоа мора искрено да се грижат и да го поддржуваат развојот на приватните претпријатија.

Економско отворање со високи стандарди

Реномираниот институт ЕЦФР анализира дека Пекинг знае дека „неговите напори да создаде нова развојна парадигма сè уште во голема мера зависат од способноста на Кина да одржува економски врски со надворешниот свет“. Иако долгорочната цел е Кина да стане посамостојна, тоа не може да се постигне прекуноќ. Од оваа перспектива, политиките на кинескиот претседател Си Џинпинг ќе ја поддржат идејата за „отворање со високи стандарди“. Под овој термин, Кина тврди дека е подготвена да го олесни пристапот на пазарот и да ги намали ризиците поврзани со странските инвестиции. Покрај тоа, со привлекување странски инвестиции во стратегиски важни сектори, највисокото раководство на Кина сака да го намали технолошкиот јаз меѓу себе и другите напредни економии, особено со САД.
Наративот за отворање со високи стандарди, веројатно, ќе ја формира основата на континуираните напори на Пекинг да ги увери своите меѓународни партнери на Запад, особено во Европа, дека и покрај политичките разлики, прагматичната соработка со Кина сè уште е остварлива. Пекинг ќе се обиде да ја убеди меѓународната публика дека одвојувањето предводено од САД ја загрозува стабилноста. Во оваа насока беше посетата на францускиот претседател Емануел Макрон во Кина и начинот на кој Пекинг дипломатски се справи и со тоа служат како пример. Имено, кинескиот претседател Си Џинпинг го претстави францускиот претседател како највлијателниот „глас на разумот“ во Европа и вистински европски лидер, кој не се плаши од „спротивставување“ на САД. Забелешките на Макрон за тоа дека Европа треба да се спротивстави на притисокот да стане „следбеничка на Америка“ го повторуваат аргументот во кинеските државни медиуми дека „независноста“ на ЕУ од САД е клучна за долгорочната стабилност на врските меѓу Кина и ЕУ.

Како резонираат европските аналитичари?

Реномираниот институт ЕЦФР пишува дека „во односите со Кина, ЕУ се залага за намалување на ризиците, при што планира да го ограничи своето потпирање на Кина во стратегиските сектори за да ги одржи флексибилноста и конкурентноста на европскиот пазар“.
– Многу европски фирми, особено од поголемите земји-членки, би можеле да се најдат во искушение да се приспособат на барањата на Кина наместо да понесат некои од трошоците поврзани со агендата за намален ризик на ЕУ – првенствено преместување на производството од Кина во други земји, се вели во анализата на ЕЦФР.
Но според институтот, „Пекинг исто така ќе се обиде да го искористи ова со охрабрување на странските фирми да ги усогласат своите операции и стандарди со кинескиот пазар, што би ја дополнило стратегијата за двојна циркулација. Ова, исто така, може да биде примамливо за европските фирми, кои би биле позаштитени од надворешни влијанија во случај на сериозна политичка криза меѓу Кина и ЕУ, доколку се грижат само за кинескиот пазар“.
ЕЦФР во својата анализа го истакнува ставот на кинескиот претседател Си Џинпинг, кој рече дека „Кина не може да се развива изолирано од надворешниот свет, но сепак нејзината модернизација не е и никогаш нема да биде еднаква на вестернизацијата“.

Подготвил: Mарјан Велевски