Фото: Принт-скрин

Повеќе од 200 војници се убиени во граничните судири меѓу Ерменија и Азербејџан оваа недела, соопштија денеска двете земји.

Ерменија и Азербејџан меѓусебно се обвинуваат за судирите околу спорниот регион Нагорно-Карабах, најсмртоносните по шестнеделната војна во 2020 година кога загинаа илјадници луѓе.

Ерменскиот премиер Никол Пашинјан пред Парламентот изјави дека загинале 135 ерменски војници. Претходно оваа седмица беше објавено дека загинале 105.

Азербејџан денеска објави за загинати 77 војници – 71 вчера.

Ерменија соопшти дека азербејџанските сили нападнале и зазеле населби на ерменска територија надвор од Нагорно Карабах, додека Азербејџан тврди дека одговара на „провокациите” од ерменска страна.

Прекинот на огнот издејствуван со посредство на Москва ги оконча борбите, но ситуацијата на границата останува напната, предупреди денеска Пашинјан.

Русија која е воен сојузник на Ерменија, но исто така сака да биде во пријателски односи со Азербејџан, соопшти дека ќе изврши притисок врз двете земји да ги повлечат своите сили на позициите што ги имаа пред да избие конфликтот оваа недела.