Силен земјотрес ја потресе крајбрежната област на Еквадор, во кој според првичните информации најмалку четирилица загинаа а поголем број се заробени под урнатини. Спасувачките екипи веднаш излегоа на терен во потрага по нив.
Секретаријатот за управување со ризици потврди еден смртен случај во градот Куенка, 310 километри јужно од главниот град, откако цел спрат од куќа падна врз автомобил.
Три дополнителни жртви се регистрирани во градот Санта Роса, 380 километри југозападно од Кито.
Геолошкиот институт на САД соопшти дека земјотресот бил со јачина од 6,7 степени според Рихтеровата скала во крајбрежниот регион Гвајас. Епицентарот на земјотресот бил на околу 80 километри јужно од Гвајакил, вториот по големина град во Еквадор, каде што прелиминарно се наведува дека зградите и куќите се испукани, има скршени стакла, срушени сидови, а продавниците се затворени поради страв од последователни потреси.
Властите, исто така, наредија затворање на три патни тунели кои овозможуваат движење на возила помеѓу различни сектори на градот.