Од една страна, Израел соопшти дека „повеќето од беспилотните летала и ракети биле пресретнати од системот за противвоздушна одбрана, во соработка со стратегиските сојузници на Израел пред заканите да стигнат до израелска територија“. Од друга страна, Иран соопшти дека „со оваа акција, одмаздата за бомбардирање на неговиот дипломатски комплекс во Сирија, во кој загинаа високи офицери на Иранската револуционерна гарда, може да се смета за целосна“. Два погледа за еден ист настан. Соговорниците поентираат со една едноставна реченица: „Тоа е светот денес“!
Ирански ракетен напад врз Израел
Прва верзија:
Иранскиот напад врз Израел со над 300 беспилотни летала, крстосувачки и балистички ракети заврши без сериозни последици откако огромното мнозинство од нив беа пресретнати и соборени. Израелската војска соопшти дека „повеќето“ од беспилотните летала и ракети биле пресретнати од системот за противвоздушна одбрана и „во соработка со стратегиските сојузници на Израел пред заканите да стигнат до израелска територија“. Мал број проектили го погодија Израел во нападот на Иран, при што беше повредено едно девојче. Оштетена е и воена инсталација на југ.
Израелскиот министер за одбрана Јоав Галант објави дека Израел успеал да го запре главниот ирански напад, но исто така предупреди дека „кампањата не е завршена“ и дека израелските сили мора да се подготват за какво било сценарио. По процената на ситуацијата со премиерот Бенјамин Нетанјаху и министерот за воен кабинет Бени Ганц, Галант во видеопораката рече дека „Израел го издржа ноќниот напад на стотици ракети и беспилотни летала и дека иранските одбранбени сили (ИДФ) го запреа нападот во импресивен начин“.Тој ја пофали и соработката со САД и другите партнери.
– Кампањата сè уште не е завршена. Мораме да бидеме будни и внимателни на инструкциите на командата на ИД и да се подготвиме за секое сценарио – рече израелскиот министер за одбрана.
Втора верзија:
Иранската амбасада во ОН соопшти дека со оваа акција одмаздата за бомбардирање на неговиот дипломатски комплекс во Сирија, во кој загинаа високи офицери на Иранската револуционерна гарда, може да се смета за целосна.
„Во случај израелскиот режим да направи уште една грешка, одговорот на Иран ќе биде многу поостар“, се наведува во објавата на иранската мисија во ОН на социјалната мрежа X.
Операцијата „Искрено ветување“
Командантот на иранските вооружени сили рече дека нападот врз Израел „ги постигнал сите негови цели“.
– Операцијата „Искрено ветување“ беше успешно спроведена од вчеравечер до утринава и ги постигна сите свои цели – изјави на телевизија генералот Мохамад Багери, прецизирајќи дека ниту еден урбан или економски центар не бил цел на ирански беспилотни летала и ракети.
Тој рече дека цел биле две локации – „разузнавачкиот центар што им ги дал на ционистите потребните информации“ за нападот што го уништи иранскиот конзулат во Дамаск на 1 април, како и „воздухопловната база Новатим, од каде што полетаа авионите Ф-35“ што бомбардираа.
Би-би-си објави дека Иранците веројатно сакале да ја преоптоварат израелската противвоздушна одбрана со евтини беспилотни летала за крстосувачките и балистичките ракети да имаат поголема шанса да ги погодат своите цели. Тоа е тактика што веќе е видена во Украина.
Иранските медиуми објавија дека земјата внимателно ги следи потезите на Јордан, кој може да стане следната цел, во случај да му помогне на Израел.
Иранските власти испратија порака до официјален Вашингтон преку Швајцарија, предупредувајќи дека американски бази ќе бидат цел на ирански напади доколку САД ја поддржат израелската одмазда за ноќните воздушни напади на иранските вооружени сили, објави иранската државна телевизија.
Иран исто така го предупреди Израел дека ќе биде изложен на поголем напад доколку се одмазди за ноќните напади.
– Ако Израел му возврати на Иран, нашиот одговор ќе биде многу посилен од синоќешните воздушни напади – изјави началникот на Генералштабот на иранската армија, генерал-мајор Мохамад Багери.
Тој повтори дека Техеран го предупредил Вашингтон дека каква било поддршка за израелската одмазда ќе резултира со напади врз американските бази.
И палестинската милитантна група Хамас соопшти дека иранскиот напад врз Израел е „природен и заслужен одговор“ на бомбардирањето на конзулатот во Дамаск.
Очекување на израелскиот одговор
Светската јавност беше во исчекување каков ќе биде одговорот на Израел на иранскиот напад, особено откако неименуван израелски функционер за тамошните медиуми најави дека за потенцијалниот одговор ќе се разговара на седницата на израелскиот воен кабинет. Претходно, Израел го отвори својот воздушен простор, кој беше затворен поради ирански напад со околу 300 проектили и борбени дронови, јавуваат израелските медиуми.
Портпаролот на ИДФ, Даниел Хагари, изјави дека израелската противвоздушна одбрана пресретнала 99 отсто од околу 300 ирански ракети лансирани кон Израел. Израелските одбранбени сили (ИДФ) соопштија дека во текот на изминатата ноќ извршиле напади врз позициите на припадниците на елитните единици Радван во Хезболах на југот на Либан. Во соопштението се наведува дека биле погодени објектите што ги користела оваа проиранска милитантна група.
Кабинетот на јорданскиот премиер Бишер ал Касауни соопшти дека армијата на Јордан, земја соседна со Израел, пресретнала неколку летачки објекти во нејзиниот воздушен простор за време на синоќешниот напад на Иран врз Израел со цел да ја осигури безбедноста на своите граѓани.
По иранскиот воздушен напад врз цели во Израел, окружните команди на израелските одбранбени сили објавија дека воведуваат привремени безбедносни мерки. Најавен е прекин на наставата во училиштата низ земјата, а ќе им се овозможи „нормална работа“ на компаниите со пристап до засолништа во случај на напад. Тие правила ќе останат во сила до вечерва во 23 часот, кога учениците во Израел ќе го започнат распустот за празникот Пасха.
Во Појасот Газа и областите по должината на границата со Либан, јавните собири се ограничени на 300 луѓе за собири во затворени простории, односно 100 во Газа и 30 во граничната област со Либан за собири на отворено.
Реакции на светските лидери
Американскиот претседател Џо Бајден изрази солидарност со Израел и се сретна со неговиот тим за национална безбедност за да разговара за ситуацијата, пренесоа светските агенции.
„Нашата посветеност на безбедноста на Израел наспроти заканите од Иран и неговите полномошници (во регионот) е непоколеблива“, напиша Бајден на социјалната мрежа Х, објавувајќи фотографија од итен состанок во Белата куќа со неговите советници за безбедност.
Осуда за нападот стигна и од Европската Унија.
– Европската Унија најостро го осудува неприфатливиот ирански напад врз Израел. Ова е невидена ескалација и сериозна закана за регионалната безбедност – изјави високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел.
И претседателката на Европската комисија, Урсула, фон дер Лајен, исто така го осуди воздушниот напад на Иран врз Израел и го повика официјален Техеран веднаш да ги прекине воздушните напади.
– Силно го осудувам бесрамниот и неоправдан напад на Иран врз Израел и ги повикувам официјален Техеран и неговите претставници веднаш да ги прекинат овие напади – порача Фон дер Лајен.
Кинеското министерство за надворешни работи повика на смиреност за да се избегне понатамошна ескалација на тензиите.
– Кина ја изразува својата силна загриженост поради влошувањето на актуелната ситуација и ги повикува сите засегнати страни да покажат воздржаност и смиреност за да се избегне понатамошна ескалација на тензиите – соопшти Министерството за надворешни работи во Пекинг.
Германија повика на итен прекин на нападот, а министерката за надворешни работи Аналена Бербок во објава на Х напиша: „Најостро го осудуваме тековниот напад, кој може да го фрли целиот регион во хаос“.
Британскиот премиер Риши Сунак го осуди „непромислениот“ напад на Иран врз Израел, за кој рече дека ја покажува неговата „намера да направи хаос во својот двор“.
– Овие удари се закануваат да ги разгорат тензиите и да го дестабилизираат регионот. Иран уште еднаш покажа дека има намера да направи хаос во својот двор. Велика Британија ќе продолжи да се залага за безбедноста на Израел и безбедноста на сите наши регионални партнери, вклучувајќи ги и Јордан и Ирак – вели Сунак.
„Италија со внимание и загриженост ја следи ситуацијата по испраќањето ирански беспилотни летала против Израел“, објави италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани на мрежата Х и додаде дека италијанската влада е подготвена да се справи со секое сценарио.
Францускиот министер за надворешни работи Стефан Сежурне нападот го нарече чин без преседан.
– Одлучувајќи се за ваков чин без преседан, Иран преминува нов праг во своите дестабилизирачки дејства и создава ризик од воена ескалација – предупреди францускиот министер за надворешни работи Стефан Сежурне. Р.С.