Контроверзниот американски софтвер Палантир станува сè попопуларен меѓу полициските служби во Германија, а според истражувањето на Баварската јавна служба и покраината Баден-Виртемберг, за воведување на софтверот заинтересирани се и Бремен и Хамбург.
Палантир од претходно го користат полицијата во Северна Рајна-Вестфалија и Хесен, а договорот со американската компанија го потпиша и покраинскиот оддел за криминалистичка истрага на Баварија.
Договорот предвидува сите други полициски служби во Германија, вклучително и федералните, да можат да го користат софтверот, пишува Дојче веле.
Овој софтвер за анализа на податоци треба да ѝ олесни на полицијата да поврзува различни бази на податоци.
Правникот Јирген Беринг, кој е специјализиран за заштита на податоците во Друштвото за право на слобода, остро го критикуваше договорот потпишан од Баварија.
– Најголемиот проблем е што ова ја зајакнува пазарната позиција на Палантир на германскиот пазар. Всушност, тендерите треба да обезбедат конкуренција и да спречат создавање зависност. Но, овде со договорот се зацврстува зависноста на службите од Палантир – рече тој.
Спорниот софтвер всушност поврзува бази на податоци на полицијата и други институции, како што се регистарот за поседување оружје, катастарот или регистрите на канцеларијата за странци. Може да се внесат и податоци за летови на некои лица.
Според баварското Министерство за полиција, софтверот собира податоци, но ги анализираат луѓе.
– Софтверот нема да носи свои заклучоци, хипотези или веројатности – тврдат во Минхен.