На националната конвенција на републиканците (РНЦ) во Милвоки, во клучната сојузна држава Висконсин, на 17 јули, сенаторот од Охајо, Џејмс Дејвид Венс, ја прифати номинацијата на Доналд Трамп и стана формален републикански кандидат за потпретседател на САД. Оттогаш, па досега, темата „Венс“ е популарна и во медиумите и во јавноста воопшто.
Најпрво, номинацијата на Венс беше дочекана со воодушевување бидејќи се работи за млад и перспективен политичар, кој би можел да ги подобри изгледите за победа на Доналд Трамп на претседателските избори. Но неколку недели откако на виделина излегоа анти-Трамп минатото на Венс, неговите цврсти десничарски ставови и слабиот рејтинг на анкетите, ентузијазмот во голема мера згасна. Аналитичарите се препукуваат со аргументи за и против, односно колку е добар за Трамп изборот на Венс за потпретседател, а колку го става во неповолна положба.
Од маринец до писател и политичар
Џеј Ди Венс е роден на 2 август 1984 година во Мидлтаун, Охајо, во семејство со ирско-шкотско потекло. Неговите родители се развеле кога тој бил дете, а Венс наоѓал спас во поддршката на неговите баба и дедо, чие влијание одиграло клучна улога во неговиот живот и ја создало основата за неговиот иден успех.
По завршувањето на средното училиште, Венс им се приклучил на американските маринци во 2003 година и служел шест месеци во Ирак, што му помогнало да развие дисциплина и вештини што ќе му служат добро подоцна во животот. По враќањето од војската, тој се запишал на Државниот универзитет во Охајо, каде што дипломирал во 2009 година со диплома по политички науки и филозофија. Подоцна завршил право на елитниот универзитет „Јејл“. Потоа работел во правната професија, започнувајќи кариера како корпоративен адвокат, која не траела долго, бидејќи се преселил во Сан Франциско каде што започнал да работи во инвестицискиот сектор.
За време на студиите, тој почнал да ги пишува своите мемоари што беа објавени во 2016 година и го направија Венс познато име во САД. По успехот на книгата, Венс се вклучи во политичкиот живот. Иако првично одби да влезе во политичката арена (иако ги поддржуваше републиканците), во 2021 година ја објави својата кандидатура за американскиот Сенат како републикански кандидат во државата Охајо. На изборите во 2022 година, тој тесно го победи демократскиот кандидат Тим Рајан со разлика од 53-47 отсто. Од јануари 2023 година ја презеде функцијата сенатор, која ја извршува и денес.
Се трансформираше од противник во поддржувач на Трамп
Во пресрет на претседателските избори во 2016 година, Џеј Ди Венс беше жесток критичар на Доналд Трамп. Тој јавно го нарече Трамп „идиот“ и рече дека е „достоен за осуда“. До изборите за Сенатот во 2022 година, Венс не сакаше да ги нарече претседателските избори во 2020 година на кои Трамп загуби „украдени“, туку го користеше изразот „нечесни“. Со текот на времето, Венс се трансформираше од класичен противник и критичар на Трамп во поддржувач на Трамп. Очигледно е дека тоа е политички прагматизам за да се добие висока државна функција бидејќи Венс не е несовесен политичар што одлучува инстинктивно, туку аналитички.
Трамп го избра Венс за свој најблизок соработник бидејќи тој беше најконзервативниот од сите други предложени кандидати, жесток и посветен партиски војник, кој освен во исклучителни ситуации не беше склон на компромиси со демократите.
Венс на позицијата заменик на Трамп ја зајакнува перцепцијата на неговиот шеф како „лидер на работничката класа“, која е претставена со намерно ребрендирање на Трамп. Венс потроши години градејќи имиџ на борец против глобализацијата и деиндустријализацијата на САД, став на политиката што може да му помогне на Трамп во клучните сојузни држави. Рејтингот на Венс најмногу го повредува неговиот рестриктивен однос кон абортусот. Венс е против контрола на оружјето, хормонска терапија за трансродовите малолетници и против испраќање американска воена помош во Украина. Од друга страна, за разлика од повеќето републикански колеги, тој ги поддржува владините интервенции во економијата и антимонополските политики.
Адут или товар?
Историјата на американските претседателски избори покажува дека ретко кој кандидат за потпретседател бил фактор што привлекол или одбил голем број гласачи. И покрај недостатоците и силните страни на Венс, кои играат улога, на крајот гласачите ќе ги заокружат или нема да ги заокружат Трамп и Венс на гласачкото ливче, првенствено поради нивните ставови во однос на Трамп. Токму Трамп е најголемата политичка ѕвезда на Америка во позитивен и негативен контекст. На крајот на денот, претседателот е тој што ги носи клучните одлуки и ја насочува американската државна политика, а потпретседателот е примарен спроведувач на таа политика. Р.С.