Силно невреме уште наречено циклонска бомба донесе обилни дождови и силни ветрови во американската сојузна држава Калифорнија. Десетици илјади домаќинства останаа без струја, а патиштата се затворени, пренесоа светските агенции.

Најпогодени се областите во Северна Калифорнија, околу Сан Франциско и Сакраменто. Тамошните власти ги предупредија луѓето на ризик од поплави и лизгање на земјиште, стравувавајќи дека невремето може да предизвика и жртви.

Откажани се повеќе од 80 летови до и од аеродромот во Сан Франциско, објави веб-страницата „Флајтрадар“. Околу 60 илјади домаќинства се без струја. Поради поплави, одрони или паднати дрвја во прекин е сообраќајот на патиштата во областите Мендосино, Санта Круз, Санта Клара.

Налетите на ветрот достигнуваат и до 110 километри на час.

Според метеоролошката служба. обилните врнежи ќе продолжат, а во планинските предели на Сиера Невада се очекува снег, со снежна покривка над метар.

Во Сан Франциско баровите и рестораните останаа затворени, а од луѓето беше побарано да останат и да работаат од дома, доколку е можно. Илјадници вреќи со песок беа доставени до подрачјата загрозени од поплави.

Северна Калифорнија неодамна беше погодена од серија бури. Последното невреме за новогодишната ноќ предизвика лизгање на земјиште и прекин во електроенергетската мрежа, а едно лице загина откако неговиот автомобил заврши во поплавен дел од патот.

Наредби за евакуација се во сила во делови од американската сојузна држава Калифорнија во очекување на големо невреме, а гувернерот Гевин Њусом прогласи вонредна состојба, пренесува АП.

Регионот, кој во минатото беше погоден од шумски пожари, е меѓу првите места на кои им е наредена евакуација поради загриженоста од поплави и лизгање на земјиштето.

Невремето се очекува да донесе до 152 милиметри дожд во делови од заливот Сан Франциско, каде предупредувањето за поплави ќе важи во текот на денот.

Во јужна Калифорнија, невремето се очекува да го достигне врвот во текот на ноќта и денеска, а најсилните врнежи ќе бидат во окрузите Санта Барбара и Вентура, соопштија синоптичарите.

Гувернерот на американската сојузна држава Калифорнија прогласи вонредна состојба поради невремето, втора што ја погоди државата за една недела.

„Очекуваме дека ова може да биде една од најпредизвикувачките и највлијателните серии на бури што ја погоди Калифорнија во последните пет години“, рече Ненси Вард, директорка на Канцеларијата за итни служби на гувернерот на Калифорнија.

Градоначалникот на Сан Франциско, Лондон Брид, на прес-конференција објави дека градот „се подготвува за војна“.

Екипите ги расчистуваат затнатите канали и се обидуваат да ги префрлат бездомниците во засолништата и да дистрибуираат итни резерви на оние кои одбиле да се евакуираат.

Синоптичарите велат дека циклонот тип на бура што брзо се засилува, се формира и ќе биде опасен за луѓето.