Германија

Германскиот Бундестаг во текот на вчерашниот ден им оддаваше почит на жртвите на нацизмот, на годишнината од ослободувањето на концентрациониот логор „Аушвиц“. На западната фасада на Бундестагот стоеше пораката „#Се сеќаваме“, а на седницата на Бундестагот беше посветено едноминутно молчење за жртвите на нацизмот. Преживеаната од холокаустот, Инге Ауербахер, одржа говор, а на свечената седница присуствуваше и претседателот на израелскиот Кнесет, Мики Леви.
Претседателката на Бундестагот, Бербел Бас, во пресрет на седницата истакна дека е застрашувачки како денес се намалува тежината на злосторствата од холокаустот и како тие се користат за политичка пропаганда, пред сè на социјалните мрежи.
– На пример, кога радикалните противници на вакцинацијата се нарекуваат себеси „Евреи на денешницата“ – подвлече таа, додавајќи дека кампањата за комеморација на жртвите на холокаустот треба да покаже дека граѓаните се обединети во спротивставувањето на обидите да се заборави или злоупотреби минатото.