Фото: Фејсбук/Џорџа Мелони

Триумфот на Џорџа Мелони како прва жена што предводи победничка партија во мачо-светот на италијанската политика не е миг за славење бидејќи таа ја донесе екстремната десница во европскиот мејнстрим, точно еден век откако Бенито Мусолини дојде на власт, пишува „Блумберг“. Излезните анкети веќе ја означуваат Мелони како јасна победничка на изборите, иако изгледот на новата италијанска влада би можел да биде познат веќе наредниот месец. Извесно е дека новата владејачка коалиција ќе биде предводена од партијата на Мелони, „Браќа на Италија“ заедно со „Форца Италија“ на поранешниот премиер Силвио Берлускони.

Засега, јасно е дека Мелони му нанесе удар на сојузништвото во европската политика преку внесувањето на партијата со корени во неофашизмот, за првпат по Втората светска војна, и тоа на чело на држава што е меѓу основачите на Европската Унија. По подемот на шведските Демократи како  десничарска партија што ќе има пресудна улога во составувањето на новата владејачка коалиција, прашањето е која е следната европска држава кадешто ќе се урне европското домино.

Третата најголема шпанска партија, десничарската Вокс влезе во регионалните власти за првпат во март, а Мелони истакна оти се надева како нејзиниот успех ќе го отвори пат за стекнување поголема моќ. Десничарската партија „Чега“ (Доста е) зазема 12 парламентарни места во португалскиот парламент во јануари, откако имаше едно место во 2019 година.

Десничарите земаат замав со доаѓањето на предизвиците што ги носат зголемената сиромаштија, миграцијата, намалетниот наталитет, климатските промени и невработеноста на младите. А постојат предвидувања дека би можеле да дојде до десничарско обединување со источното крило на ЕУ.

Мелони е позната и по поддршката за унгарскиот премиер Виктор Орбан, при што веќе гласаше против предлогот во Европскиот парламент за прогласување на Унгарија за „изборна автократија“. Во поширок контекст, се смета дека нејзината победа претставува ризик за дестабилизирачки ефект врз срцето на Европа – Франција.

Во Париз, Емануел Макрон го загуби апсолутното мнозинство на парламентарните избори одржани годинава, со што тамошната десница се врати во политичкиот мејнстрим преку Националниот фронт на Марин ле Пен.

Но, извесно е дека Мелони ќе се соочи со бројни проблеми на домашна сцена, како што се економијата што се влошува, пред да може да го прошири влијанието во европската политика. Нејзината Влада ќе има ограничен простор за маневри бидејќи мора да ги постигне целите договорени со Брисел за да добие предвидени 260 милијарди евра во рамки на европскиот фонд за закрепнување од пандемијата. Истовремено ќе се соочи со нестабилноста во италијанската политика која бргу ги менува владите во изминатите 20 години. Мелони ќе го предводи 68-от владин кабинет од 1946 година.