Германците ѝ испорачаа на Украина ни помалку ни повеќе туку десет неисправни тенка „леопард 2,“ кои се во Полска и кои Киев сега не сака да ги преземе поради тоа. Но целиот проблем е со многу подолга историја и е многу покомплексен…
Во Украина испорачани неисправни германски тенкови „леопард“
Од самиот почеток на војната во Украина, Германија е на тапет на Киев, кој често ја обвинува владата во Берлин дека попречува или ја отежнува испораката на воена помош, иако во меѓувреме Германија стана, по САД, еден од најголемите донатори на воена и финансиска помош на таа земја. Да се потсетиме само на јавните навреди на поранешниот украински амбасадор во Германија, Андриј Мелник (сега висок функционер во украинското министерство за надворешни работи) во преносите на германските телевизиски станици, кога тој ги нападна сегашните високи германски функционери (да не ги спомнуваме поранешните, на чело со Ангела Меркел), меѓу другите и канцеларот Олаф Шолц, кого во една пригода јавно го нарече „јегер-колбас“.
Навреди што Германија не ги заборава
Тоа беа навреди што официјалната германска државна политика немо ги примаше и трпеше (како и сите тамошни мејнстрим-медиуми), но секако ги запамети. Но не само поради нив (и неможноста за нејзина реакција на нив поради „повисоките геополитички цели“ на нејзините сојузници), дефинитивно го губеше угледот и на домашната и на странската јавност и на земјите во светот воопшто. Не е ни чудо што десничарските и екстремно десничарските сили повторно се зајакнуваат во земјата. Затоа што големата и силна Германија, до неодамна движечката сила и сила на целиот европски развој, падна на самото дно во политичките кругови и во очите на странските дипломати, дозволувајќи една Украина – земја за која уште пред војната се зборуваше дека е проблематична не само во однос на масовната корупција туку и состојбата на нејзината економија и многу други работи – толку лесно да ѝ фрла „дрва и камења“. И тоа во услови кога од неа бара помош за воопшто да ја преживее војната!
Откако Борис Писториус на почетокот на годината дојде на чело на германското министерство за одбрана, навистина се зголемија количеството и квалитетот на германското оружје што пристигнува во Украина. Во исто време, новиот министер јасно стави до знаење како стојат работите. Тој во Бундестагот рече дека Украина нема да издржи ниту три месеци без западната воена помош, како што приближно во исто време изјави и Жозеп Борел, висок комесар за надворешна политика и безбедност на ЕУ. И двете изјави тогаш го предизвикаа гневот на Киев, кој не се согласува со таквите забелешки.
Игри со „леопарди“ и со „абрамс“
Особено е позната епизодата кога Берлин, откако првично ја отфрли можноста за снабдување на Киев со тенкови „леопард“, кои тој ги побара како неопходни за успех на пролетната контраофанзива (на крајот стана летна контраофанзива), имајќи ги на ум непријатните историски епизоди од ерата на нацистичка Германија, по силниот притисок на сојузниците од НАТО, се согласи на истото тоа. Тогаш, на почетокот на оваа година, таа одлука во Бундестагот отворено ја бранеше новиот министер Борис Писториус. По тоа, Олаф Шолц го посети американскиот претседател Џо Бајден во Вашингтон и двајцата постигнаа договор според кој Германија веднаш ќе ѝ ги испорача тенковите „леопард“ на Украина, а потоа Американците ќе ги достават своите тенкови „абрамс“ во Киев.
Бидејќи ова второво тогаш беше само начелно и не беше договорен терминот, се случи во меѓувреме германските тенкови неочекувано да горат на украинските фронтови во голем број, а американските тенкови до денес да не стигнат на тие фронтови. Поточно – воопшто не стигнаа ни до Украина. Вашингтон најавува дека тоа ќе го направи дури сега, можеби на почетокот на октомври, со испорака на постар тип од споменатиот тенк „М1 абрамс“, наедно и „исчистен“ од опремата од тајна природа, така што таа не би можела да падне во рацете на руската страна.
Но, украинската контраофанзива веќе истекува, а на самиот Запад има сè почести анализи за нејзиниот неуспех и голем број жртви во жива сила и загуби во техника, со незначителни воени придобивки. Сега Киев има слаба надеж дека барем во октомври ќе се обиде да промени нешто на бојното поле во своја полза, со оглед на очекуваните дождови и добропознатата украинска кал (непроодна), која ги оневозможува или отежнува преместувањето воена опрема и спроведувањето масовни воени операции. Сепак, се чини дека нема да му помогне веста што ја тресе украинската јавност, а и не само неа.
Испорачаните неисправни тенкови се врвот на ледената санта
Всушност, Германците ѝ доставија на Украина ни помалку ни повеќе туку десет неисправни тенка „леопард 2“, кои се во Полска и кои Киев сега не сака да ги преземе. Ова првпат го објави германскиот медиум „Шпигел“ пред неколку дена, наведувајќи дека Берлин веднаш ги испратил своите инженери на местото на настанот. Тие потврдија дека тенковите имаат потреба од дополнителен ремонт пред да бидат погодни за борбени операции. Сепак, тие исто така предупредија дека Киев нема помошни екипи за одржување на овие тенкови.
Од друга страна, британскиот медиум „Спектатот“ објави дека целата ситуација е непријатна за Германија и дека ова е, имено, вторпат Украина колективно да го крева носот при испораката на германски оклопни возила. Имено, се покажа дека дури и првите 10 тенка – претходници на вкупно 110 „леопард 1“ што Берлин се согласил да му ги достави на Киев – кога пристигнале таму не биле исправни за распоредување на линијата на фронтот.
Доколку на Украинците им недостигаат вештини и персонал потребни за справување со „леопард 1“, веројатно ќе се соочат со уште посериозни слични проблеми при управувањето со понапредниот „леопард 2“ – заклучуваат британските медиуми.
Наедно се укажува дека горенаведеното не е сѐ, имајќи предвид дека канцеларот Шолц се двоуми да ѝ ги испорача на Украина современите германски ракети со долг дострел „таурус“, кои Киев ги бара, плашејќи се дека Украинците ќе гаѓаат длабоко во руска територија, што може да предизвика сериозна ескалација.
Аналитичарите изнесуваат став дека Киев треба да биде многу повнимателен и потактичен во своите изјави кон своите сојузници и/или партнери, дури и ако тие понекогаш (несвесно) грешат, очигледно имајќи ја предвид многу пошироката геополитичка слика отколку што ја има самата Украина, која најпрво е фокусирана на сопствената војна со нуклеарна суперсила. Без разлика на тоа, Киев едноставно не е во позиција да ја заостри реториката кон сојузниците, бидејќи е целосно зависен од нив. И тоа во сите клучни сегменти – воени, финансиски, економски.
Притоа се потсетува на неодамнешната изјава на шефот на Националната служба за безбедност на Украина, Михаило Подољак, кога во интервју за одредена украинска телевизија ги навреди Кина, Индија и Турција, велејќи дека нивните елити немаат доволно интелектуален потенцијал бидејќи не ги увидуваат наводно далекорочните негативни геополитички потези поради нивната соработка со Русија. Подоцна, по протестите на кинеското МНР заради ова, тој се обиде да ја ублажи својата изјава, велејќи дека е извадена од контекст и дека мислел на нивните аналитичари, а не на носителите на државната власт.