Фото: Пиксабеј

Централноевропската петорка (Ц5) објави заедничко соопштение, во кое се наведува дека „решението е да се зачуваат каналите за комуникација со Русија“. Тоа во својата изјава го потврди унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто на прес-конференција. Во врска со ова, унгарските медиуми пишуваат дека „изненадувачки, четири земји-членки ѝ се приклучија на Унгарија“ за затоплување на односите со Москва: Австрија, Словачка, Чешка и Словенија. Иако според европските аналитичари, всушност, станува збор за обид да му се помогне на ОБСЕ, заклучокот што го презентираат медиумите не изненадува. Зошто?

Централноевропската петорка (Ц5) – Австрија, Словачка, Унгарија, Чешка и Словенија – со различен став од Брисел за натамошните односи кон Москва?

Во рамките на ЕУ постојат различни подгрупи – Медитеранска, Бенелукс, Ханзеатска, Скандинавска, Вишеградска, претежно регионални, кои застапуваат заеднички регионални интереси. Има и група на „штедливи“ држави – Австрија, Данска, Холандија и Шведска, кои се генерално против какво било зголемување на трошоците.
Има и група наречена Централноевропска петорка (Ц5), формирана во 2020 година, во која членуваат Австрија, Словачка, Унгарија, Чешка и Словенија. Токму групата Ц5 деновиве, на својата заедничка средба во Виена, разговарајќи за низа актуелни надворешнополитички прашања зазела став за „подобрување на односите со Русија“, што отскокнува од досегашните мејнстрим-политики на Брисел.

Ц5 се согласи дека решението е „да се зачуваат каналите за комуникација со Русија“

Имено, неделава, министрите за надворешни работи на Централноевропската петорка се состанаа во Виена. Станува збор за група формирана во 2020 година, во која членуваат Австрија, Словачка, Унгарија, Чешка и Словенија. Чешкото министерство за надворешни работи соопшти дека шефовите на дипломатијата – и една шефица, Словенката Тања Фајон – разговарале за актуелни надворешнополитички прашања. Тие се сретнаа и со генералниот секретар на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), Хелга Шмид, на која разговараа за иднината на ОБСЕ во европската безбедносна архитектура.
Во врска со таа средба, чешкиот министер Јан Липавски изјави дека разговарале за „помошта за Украина, поддршка на земјите од Западен Балкан на патот кон членство во ЕУ, но и за илегалната миграција, која е горлив проблем на Шенген“.
Во продолжението на соопштението се посочува дека Русија ги блокира активностите на ОБСЕ. Во соопштението Австрија исто така претпазливо наведува дека „членките на Ц5 ја истакнаа солидарноста со Украина и украинскиот народ во барањето фер, праведен и траен мир“. Во овој момент, нивни заеднички став е дека „е важно да се одржат каналите за комуникација, особено во рамките на ОБСЕ“.
Каналите за комуникација се однесуваат токму на Русија. (Москва во моментов ги блокира буџетот на организацијата и обидот на Естонија да го преземе претседателството од Македонија).
Ц5 се согласи дека решението е да се зачуваат каналите за комуникација со Русија, како што истакна унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто на прес-конференција.
Во врска со ова, унгарските медиуми пишуваат дека „изненадувачки, четири земји-членки ѝ се приклучија на Унгарија“: Австрија, Словачка, Чешка и Словенија.
Иако, всушност, станува збор за обид да му се помогне на ОБСЕ, заклучокот што го презентираат медиумите не изненадува. Зошто?

Досегашните политики на земјите-членки на Ц5 откриваат зошто би имале идни заложби за затоплување на односите со Москва

Групата земји во ЕУ (Ц5) што сè уште се подготвени да се залагаат за добри односи со Русија е формално зародена најпрвин во средбата на унгарскиот министер (единствен од ЕУ) во Њујорк со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, при што го објави своето патување во Москва. За издвојување е фактот што уште на почетокот на руско-украинскиот судир, а и пред тоа, Унгарија се декларира како сојузник на Русија во низа политики. Унгарија се согласува со санкциите на ЕУ против Москва, но сепак не го ратификува влезот на Шведска во НАТО.
· Натаму, и Австрија не е изненадување. Таа сѐ уште купува руски гас, Рајфајзен банка продолжува да работи нормално во Русија. Виена е веќе на удар на критики што дозволила руски делегати да присуствуваат на состаноците на ОБСЕ. Поранешното кралство и империја се смета за неутрално, сака да ја зачува можноста да биде модератор во некои идни преговори, но сепак сака да ги зајакне безбедносните врски, па затоа од друга страна сака да се приклучи на иницијативата Скај Шилд за заштита на воздушниот простор што ја лансира Германија. За секој случај, ако агресијата се прошири.
· Трето, наредната држава е Словачка, која и понатаму има, заедно со Бугарија, најголем дел од населението со проруски ставови. Во Словачка има бурна изборна кампања, во која Роберт Фицо застапува проруски ставови, при што тој е на работ на победа.
· Зошто поддршка од страна на Словенија? Ако можеше да се очекува такво нешто од гореспоменатите „вообичаени осомничени“, што е со Словенија? Треба да се напомене дека во јуни минатата година, поранешниот претседател Милан Кучан и група левичарски интелектуалци и политичари блиски до него побараа од словенечката влада да инсистира ЕУ да понуди преговори меѓу Украина и Русија што би биле „прифатливи за двете страни“. Левичарската политичка опција, која произлегува од Социјалдемократската партија, чиј член е министерката за надворешни работи на Словенија Тања Фајон, го дели ова мислење – да понуди преговори прифатливи и за двете страни.
· Кога станува збор за Чешка, индикативно е тоа што во соопштението за печатот не се зборува за „зачувување на каналите за комуникација со Русија“, а предвид треба да се земат и силните политички акции на обединетата радикална десница и левица што повикуваат на протести на Вацлавске намести во центарот на Прага.

Што навистина сака да постигне Ц5 со оваа смела јавна изјава?

Според аналитичарите, комуникација со Русија несомнено постои. Дипломатските претставништва сѐ уште се активни во Москва и обратно, но прашање е што навистина сакаа да постигнат овие пет земји со оваа јавна изјава.
Европските експерти укажуваат дека откако ќе престане војната, ќе треба да се формира нова безбедносна архитектура на Европа, но сугерираат Русија повеќе да не смее да има право на вето како што има сега.

Подготвил: Mарјан Велевски