Со години ЕУ се занимава со деликатната и комплексна практика „напред-назад“ во однос на интегрирањето на регионот на Западен Балкан. Токму Унијата калкулира дека тој пат за сите засегнати страни не е без ризици, првенствено од растечкиот „замор од проширување“, кој постепено се претвори во експлицитен скептицизам, особено изразен кај одредени земји-членки. Од друга страна и зголемениот страв на Унијата дека заинтересираните надвор од ЕУ, како Кина, Русија и Турција, би можеле да профитираат од европската апатија, добивајќи нови позиции и клиенти

ЕУ и Западен Балкан: Исцрпувачки односи што предизвикуваат тензии и фрустрации

Последниот извештај на комисијата за пристапниот пат на Западен Балкан во комбинација со планот за развој, кој неодамна го претстави еврокомесарот за проширување Оливер Вархеи, настојува „да внесе страст во врската помеѓу ЕУ и Западен Балкан, која полека се претвора во нешто од типот на долга свршувачка, за која на повидок нема никаков датум за скорешна свадба – со еден збор, исцрпувачка ситуација што предизвикува голем број тензии и фрустрации, особено на Балканот“, со интересна метафора е опишан односот помеѓу ЕУ и Западен Балкан на сајтот на „Балканика“.
Во моментов, предводници во групата се Србија и Црна Гора, кои веќе имаат отворено повеќе од едно поглавје во процесот на преговори. Албанија и Македонија неодамна добија зелено светло за отворање на преговорите. По нив следуваат Босна и Херцеговина, која поднесе официјално барање за кандидатски статус, и Косово, кое многу заостанува и може да се пофали само со потпишаниот Договор за стабилизација и асоцијација. За да ја засили динамиката на проширувањето, комисијата ќе воведе нов економски пакет, по вонредниот јунски, во висина од над 3 милијарди евра, што беше наменет за надминување на кризата со ковид-19 на Западен Балкан. Овој пакет претставува среднорочна мерка за помош, со која се предвидени девет милијарди евра во текот на следните седум години (иако не е јасно прецизирано колкав процент од вкупната сума ќе се состои од кредити и грантови), а истовремено и гарантен механизам што би требало да привлече дополнителни 20 милијарди евра во форма на јавни и приватни инвестиции.

Доколку надежите на комисијата станат реалност, целокупната нова економска „инфузија“ ќе обезбеди значајна поткрепа за шесте држави во регионот, поттикнувајќи просечен годишен економски раст од 3,6 отсто, намалувајќи го на тој начин барем малку огромниот јаз во однос на развојот што „зјае“ помеѓу нив и земјите-членки.
Во текот на составувањето на списокот со приоритети за планираните активности, комисиските експерти се решија за веќе докажан модел: на врвот од приоритетите се наоѓа модернизацијата на патната и железничката инфраструктура во областа – веќе одамна застарена и честопати започната, а недовршена – која би ги поврзала сите балкански престолнини и би го оживеала протокот на луѓе и добра. Следно важно поглавје е она за енергијата, кое се однесува на стратегијата за енергетска ефикасност – намалување на потрошувачката – но и на сѐ позначајното промовирање на гасот како чист извор на енергија и замена за јагленот и нафтата, сѐ уште многу присутни во секојдневието на жителите на Западен Балкан. Запрашан за методите на исплата, Вархеи уште еднаш го потврди новиот претпазлив пристап на ЕУ: сѐ покруцијален услов за ефективна распределба на идни средства за овие држави ќе бидат видливи и јасни резултати на полето на реформите. Во случај на какви било сомнежи или незадоволство од страна на Брисел, планираните инвестиции може да бидат блокирани, гласеше затскриената порака од еврокомесарот.

Таа произлегува од фактот што, и покрај постоењето некои охрабрувачки сигнали (тука доаѓаме до политичката процена на годишниот извештај за состојбите на Западен Балкан), многу проблеми во регионот остануваат нерешени, особено оние во однос на судскиот систем, корупцијата, организираниот криминал, јавната администрација и слободата на медиумите.
Србија доби критики на политичко ниво за спроведените јунски избори, кои по крајно оспоруваната кампања, обележана со виртуелен бојкот на опозицијата, доведоа до формирање ново парламентарно мнозинство под доминација на Прогресивната партија на претседателот Александар Вучиќ. Комисијата го оцени ова како „неповолна ситуација за плурализмот во Србија.“ Во центарот на вниманието е и информативната слобода, која е загрозена од големата концентрација на медиуми, недостигот од транспарентност во однос на сопственичката структура, агресивниот пристап на провладините телевизии, но исто така и од заканите, заплашувањата и насилствата врз новинари.
Процената за Црна Гора е за нијанса посуптилна: иако од една страна извештајот детектира клима на насилна поларизација за време на кампањата за августовските избори, организацијата на самите избори беше оценета со генерално позитивна терминологија, особено затоа што, првпат во последниве 30 години, земјата издејствува промена на власта, конечно поразувајќи го „вечниот“ Мило Ѓукановиќ. И покрај тоа што Црна Гора бележи континуиран напредок во голем број сектори, ситуацијата со слободата на медиумите сѐ уште останува проблематична, се наведува во извештајот.

Турбулентната политичка година во Албанија е јасно опишана во извештајот на ЕУ – голема поларизација во сферата на политичкиот живот, бојкот на локалните избори од страна на опозицијата, парламент со намален капацитет за работа и неуспешен обид за импичмент на претседателот. Оцената е делумно „омекната“ благодарение на договорот за изборните реформи, кој беше постигнат во јуни, „меѓутоа, политичкиот дијалог во земјата мора да се подобри“. Оцената за другите сектори е умерено позитивна, сепак, на реформата во судскиот систем – која во моментов поминува низ сериозен процес на евалуација на судиите и обвинителите (ветинг) – сѐ уште ѝ претстои долг пат до успехот.
Во своите оцени комисијата ја опишува Босна и Херцеговина како дисфункционална држава со блокиран парламент, 14-месечни преговори за формирање влада, Устав што се смета за некомпатибилен со Европската конвенција за човекови права и тешко вклучување на граѓанското општество во дијалог со институциите на системот. Наедно, нема добра реализација ниту кај административните и судските реформи, како во примерот со борбата против корупцијата и организираниот криминал. Сепак, постојат и позитивни оцени и забелешки, кои се однесуваат на економските реформи и активната улога на БиХ во регионалната соработка.

Слично е и во случајот со Косово – имено, забележано е дека изминатава година донесе многу мал напредок на патот кон ЕУ. Земјата помина низ долга низа политички превирања и пресврти, предвремени избори, проблеми со формирање влада, која „потона“ во екот на пандемијата на ковид-19, и на крајот и обвинение за претседателот Хашим Тачи за воени злосторства. Во посебното поглавје што се однесува на односите Косово – Србија, каде што е истакнат договорот за економска нормализација, потпишан од двете страни под покровителство на американскиот претседател Доналд Трамп – комисијата го поздравува продолжениот дијалог поддржан од Унијата, затворајќи го извештајот со зборовите што сега станаа вистинска мантра кога се работи за овие две држави: доколку сакаат да напреднат на патот кон евроинтеграции, Косово и Србија мора да постигнат „еден сеопфатен и правно обврзувачки“ договор.
Сепак, за разлика од другите членки на Западен Балкан, најпофалните оцени во споредба со нив се резервирани за нас. Во извештајот на ЕК се вели дека и покрај севкупните проблеми, нашата земја „продолжи да ги зајакнува демократијата и владеењето на правото, а парламентот во Скопје работеше со поголема транспарентност“. Парламентарните избори во јуни биле „генерално добро организирани и овозможија суштествен политички натпревар“.

Понатаму, во секторите слобода на медиумите, регионална соработка, основни човекови права, борба против корупција и организиран криминал и реформи во администрацијата и судскиот систем, резултатите кај нас „може да се сметаат за генерално позитивни“.
Сепак, треба сѐ уште многу да се направи. Ние сме на потег и од нас зависи колку брзо ќе ја демонстрираме нашата волја за асоцирање во ЕУ и покрај опструкциите од соседите. Дури и да ги ставиме во втор план нив, треба врз основа на приоритетите на ЕК да изработиме што побрзо: модернизација на патната и железничката инфраструктура – веќе одамна застарена и честопати започната, а недовршена. Предизвиците на енергијата, што се однесува на стратегијата за енергетска ефикасност – намалување на потрошувачката – но и на сѐ позначајното промовирање на гасот како чист извор на енергија и замена за јагленот и нафтата. И драстичниот исчекор во судскиот систем, корупцијата, организираниот криминал, јавната администрација… сепак, најмногу од нас самите зависи…