Фото: Твитер

Бугарија

Претседателката на Бугарската социјалистичка партија, Корнелија Нинова, смета дека формирањето влада меѓу ПП-ДБ и ГЕРБ-СДС претставува најголемото предавство на државата.
– Владата на ПП-ДБ и ГЕРБ-СДС е едно од најголемите политички предавства во последниве години – прокоментира вчера лидерката на БСП, Корнелија Нинова, во врска со можната влада на Промените продолжуваат – Демократска Бугарија (ПП-ДБ) и ГЕРБ-СДС.
Како што јавуваат бугарските медиуми, Нинова се сомнева дека во прашање се заткулисни игри, иако заложбата на ПП-ДБ била да се направат демократски промени во Бугарија.
– Промените продолжуваат се создадени за да се смени претходниот модел на владеење на заткулисни игри и паралелна држава, а наместо – да ги искористам зборовите на претседателот, „соочи се надвор“ – се доби „соочи се внатре“. Ова е ротирачка коалиција на омерта, тие едноставно самите ќе си ги чуваат грбовите… Нема да поддржиме таков владин кабинет. Ако се состави, ние остануваме во опозиција – категорична е Нинова.
Според неа, политичките определби за кои се залагаат партиите мора да останат постојани бидејќи токму за таквите заложби некој добил мандат од граѓаните на изборите.
– Можете да имате ротација на премиерот, можете да имате ротација на претседателот на Народното собрание, не можете да имате ротација на моралот во политиката – заклучи Нинова.
Таа смета дека ова што сега го прават двете коалиции е гаранција за уште поголема нестабилност и хаос над хаосот.
– Затоа што замислете си за девет месеци менувате премиер, дали ќе менувате министри, регионални гувернери – праша лидерката на БСП.
Запрашана дали БСП ќе обезбеди уставно мнозинство за реформите во правосудството, Нинова ги повика прво да кажат што сакаат да се смени во Уставот, бидејќи досега идните коалициски партнери биле мошне конфузни.