Украинскиот воен конфликт ги поттикна балканските влади на вооружување

Последниве неколку недели речиси нема балканска земја што не соопшти дека набавува ново оружје или само го засилува својот воен арсенал. Ефектите од ваквото натрупување оружје допрва ќе се видат, но во една напната атмосфера поради случувањата во Украина, секоја нова информација дека некоја земја од регионот набавува нешто ново на тој план, дополнително ја крева тензијата, го буди стравот. А како поткрепа дека овие стравови не се присутни само кај нас е пишувањето на американските медиуми, кои во неделата објавија дека „Западот стравува дека трупањето оружје на Балканот за време на војната во Украина може да му се закани на кревкиот мир во регионот“.

Србија набави софистициран кинески противракетен систем

Она што е најсвежо како информација доаѓа од Србија, каде што изминатиот викенд е испорачан софистициран кинески противракетен систем, како дел од редовната испорака на воена опрема договорена на највисоко ниво меѓу двете држави. Медиумите и воени експерти во неделата пренесоа дека шест транспортни авиони на кинеските вооружени сили слетале на белградскиот цивилен аеродром рано утрото во саботата, очигледно носејќи го системот земја – воздух „ејч-кју-22“ за српската армија. Кинеските транспортни авиони од типот „уај-20“ со воени ознаки се фотографирани на белградскиот аеродром „Никола Тесла“.
Оваа информација се совпаѓа со најавата на српскиот претседател Александар Вучиќ, кој претходно најави дека денеска или утре ќе биде претставено „ново вооружување“, кое ќе биде досега најмоќното што Србија ќе го поседува.
Познавачите на состојбите укажуваат дека во 2020 година американски функционери вршеа притисок и го предупредија Белград да не ги купува кинеските противракетни системи „ејч-кју-22“, наведувајќи дека Србија доколку сака да им се приклучи на Европската Унија и на другите западни сојузи, мора да ја усогласи својата воена опрема со западните стандарди. Кинескиот противракетен систем се споредува со американскиот „патриот“ и со рускиот систем земја – воздух „С-300“, иако има пократок дострел од понапредниот „С-300“. Србија, така, ќе биде првата земја во Европа што ќе има кинески ракетен систем.
Инаку, Вучиќ, по завршувањето на воената вежба на Војската на Србија „Огнен штит 2022“, на која за првпат беше прикажано дејствувањето на противтенковските ракети „корнет“, кога го најави „новото вооружување“, истовремено, тој најави набавка на борбени беспилотни летала „бајрактар“ ​​од Турција, за што веќе разговарал со турскиот претседател Ердоган, како и тоа дека веќе една година преговара за набавка на 12 борбени авиони од типот „рафал“.

Албанија набавува дронови

Албанија ќе набави од Турција суперинтелигентни беспилотни летала – дронови за контрола на територијата, пренeсуваат медиумите. За таа цел албанската влада ќе плати осум милиони евра.
Кон крајот на минатата година, премиерот Еди Рама најави дека Албанија ќе набави дронови и ќе испрати два сателита во орбитата, именувани „Албанија 1“ и „Албанија 2“, кои, како што објасни, „како и интелигентните беспилотни летала, ќе помогнат да се има целосна контрола врз целата територија на земјата“.
– Ќе купиме дронови, ќе испратиме и сателити во орбитата. Албанија ќе има сателити и тоа многу наскоро за да ја зајакне контролата на целата територија. Не само сателити туку и интелигентни беспилотни летала за да ја одведат земјата на друго ниво во однос на администрирањето на територијата. Ова се алатки на новата технологија што гарантираат набљудување на територијата од границите, до изведбата на градби, мониторинг поврзан со информациите потребни од структурите за борба против трговијата со луѓе, со цел целосно да се изолира трговијата со дрога – објасни тогаш Рама.
Тој додаде дека Албанија со сателитите и беспилотни летала ќе ја зголеми контролата на територијата во сите аспекти и ќе биде прва земја во регионот што ќе испрати сателити во орбитата.

Бугарија веќе го доби првиот пилот за новите авиони

Бугарија го има првиот пилот за американските авиони ловци „Ф-16“ што ќе бидат испратени во земјата. Имено, капетанот Александар Велинов успешно ја завршил обуката во Националната военовоздухопловна гарда во Аризона, САД, каде што се обучуваат уште четворица бугарски пилоти.
Велинов во јавноста изјави дека ова е многу добра шанса неговите колеги да можат да летаат со сосема нов авион ловец, за разлика од сегашните „миг-29“, кои се стари над 30 години.
Бугарија ќе ја добие првата серија од осум американски борбени авиони „Ф-16“ во 2025 година, што доцни една година поради ковид-19. Во моментов се водат преговори меѓу Бугарија и производителот на „Ф-16“ за набавка на втора серија од осум авиони, со кои Софија до 2030 година ќе има вкупно 16 нови авиони ловци „Ф-16“, што ќе бидат цела ескадрила.

Грција купува авиони од Франција

Грција неодамна официјално соопшти дека купува авиони „рафал“ од француско производство. Испораката ќе започне во летото 2024 година, а грчката воздушна флота на тој начин ќе има 24 авиони „рафал“, соопшти францускиот производител. Лани во септември, Грција се согласи да купи три фрегати, со можност за купување четврта, за околу три милијарди евра.

И Македонија ќе има оружје за да влезе во трката

Американската агенција за соработка во одбраната неодамна објави дека Стејт департментот донел одлука да одобри продажба на борбени возила „страјкер“ и сродна опрема во вредност од 210 милиони американски долари на Владата на Македонија. Агенцијата го информира Конгресот на САД за оваа можна продажба на воена опрема на друга држава.
Македонската влада на крајот на мината година најави дека ќе го продолжи процесот за набавка на лесни оклопни возила од САД. Според соопштението на американската агенција, станува збор 54 возила од типот „страјкер“, вклучувајќи варијанти за транспорт на пешадија, командни возила и минофрлачки возила. Во зделката се вклучени и 50-калибарски митралези „М2А1“, лансери за чадни гранати „М6“ и придружни резервни делови, радија од типот „харис“, заедничка станица за далечинско управување со оружје (ЦРОВС), напреден џипиес-приемник, уред за визуелно засилување што би го користеле возачите на овие возила, резервни делови, специјални алати и опрема за тестирање, технички прирачници, обука, услуги за инженерска, техничка и логистичка поддршка на Владата на САД… Процената е дека зделката вреди 210 милиони долари, а за испорака ќе се чека нешто повеќе од една година.
Оваа набавка е, како што соопштуваат од Министерството за одбрана, само продолжување на веќе започнат повеќегодишен проект во 2018 година за набавка на лесни оклопни возила (ЛОВ) како есенцијален проект во Долгорочниот план за развој на одбранбените способности за модернизација и опремување на армијата.

Подготвил: Марјан Велевски