Влада составена од ГЕРБ-СДС и „Промените продолжуваат – Демократска Бугарија“ е врвен приоритет, изјави утринава пред новинарите во бугарскиот Парламент лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов.
Борисов денеска се сретна со претседателката на БСП, Корнелија Нинова, и по неа тој кажа дека се разговарало за главните приоритети поврзани со буџетот и социјалната политика. Тој додаде дека, Нинова му соопштила дека двете најсилни коалиции застапени во парламентот се сосема доволни и затоа БСП нема да ги поддржи при изборот на Росен Желјазков за претседател на 49. Народно собрание.
Борисов кажа дека одложувањето на изборот на претседател на Собранието е само од корист за преговорите меѓу двете најголеми коалиции во 49. Народно собрание – ГЕРБ-СДС и ПП-ДБ. Тој најави дека денеска ќе се направат две работни групи – правни и буџетски, од двете коалиции само за да го претресат прашањето за тоа каков буџет би бил одржлив за државата и сите закони за кои би се барало големо мнозинство.
-Наш главен приоритет е влада меѓу двете партии – рече Борисов.
– Подготвени сме на многу компромиси, но ова не е компромис – рече Борисов одговарајќи на прашање за предлогот за избор на претседател на Собранието врз ротациски принцип.
Во Романија има компромис за ротација на премиерите, има различни практики и затоа вчера толку трпеливо и внимателно формулиравме дека меѓу толку непријателски -не само лидери, туку и поддржувачи, е потребно време, па затоа и одложувањето на изборот на претседателотна Собранието е многу корисно, за да може да се добие време, додаде Борисов.
Според него, работните групи ќе имаат време да пронајдат уште многу заеднички работи меѓу нив кои ќе имаат корист за државата.
-Сакам да формирам влада со „Промените продолжуваат – Демократска Бугарија“, бидејќи тоа е најдоброто за Бугарија – рече Борисов.