Фото: Илустрација/принтскрин

Министерот за внатрешни работи на Косово, Џељаљ Свечља, соопшти дека убиецот на бремената жена М. Х. (35), 31-годишниот Сокол Халили, се самоубил денеска во присуство на полицијата, откако бил локализиран од органите на прогонот, јави МИА од Приштина.

Според Свечља, полцијата се обидела да преговара со него, но Халили одбил да се предаде и се самоубил.

– По интензивната работа на сите единици, Полицијата на Косово успеа да го локализира местото каде што се наоѓа убиецот Сокол Халили. Наспроти напорите на полициските службеници да преговараат за негово предавање, убиецот изврши самоубиство. Полицијата на Косово и Полицискиот инспекторат на Косово ќе ја продолжат истрага за расветлување на сите околности на убиството на бремената жена и самоубиството на сторителот, напиша Свечља на неговата страница на Фејсбук.

Халили ја уби својата бремена сопруга, со која биле во процес на развод, завчера во дворот на Гинеколошката клиника во државната болница во Приштина, каде што таа била примена во очекување наредните денови да се породи, со оглед дека била во деветиот месец од бременоста. Жената, по потекло од село во Витина, југоисточно Косово, била застрелана од сопругот со три куршуми од пиштол, при што не преживеало ниту бебето што го носела.