Фото: Принтскрин

Поранешниот специјален претставник на Европската унија за Косово, Питер Фејт изјави дека САД го губат трпението со Приштина, а дека тамошните власти најмногу ќе изгубат од немањето напредок во дијалогот со Белград.

-САД го губат трпението со Косово бидејќи не постигнува доволно напредок. Гледам дека САД имаат критички однос кон Владата на Косово и тоа е без преседан. Се чини јасно дека администрацијата на Бајден го губи трпението со Косово – изјави Фејт за приштинскиот „Теве 1“.

Тој додаде дека таков критички однос на Вашингтон кон Приштина не видел уште откако Косово прогласи независност во 2008 година.

-Би било вистинска трагедија за Косово ако ја загуби поддршката од САД – предупреди Фејт.

Тој рече дека Приштина мора да разбере дека во Европа се води жестока војна и дека моментално е во фокусот.

-Затоа треба да имате на ум дека работите не се исти како порано и не можете да сметате на симпатиите и поддршката што некогаш ги имавте- рече Фејт, додавајќи дека не мисли дека САД и Европската унија го поддржуваат претседателот Александар Вучиќ во тој процес.

-Знам дека не е лесно, но му предлагам на премиерот Курти да вложи повеќе напори во дијалогот со Србите на северот на Косово наместо да испраќа специјални единици таму – рече Фејт.

Тој посочи дека Охридскиот договор е од големо значење за Приштина бидејќи, според него, ќе го отвори патот за членство во меѓународните организации.

-Мислам дека Косово повеќе ќе ги трпи последиците. Доколку страните сериозно го сфатат договорот постигнат во Охрид, тогаш работите би се придвижиле и тоа би му помогнало на Косово да стане членка на различни меѓународни организации, како и на ОН.