Невремето со силен ветер што викендов ја зафати Хрватска уриваше дрвја и корнеше покриви, а ја однесе и првата жртва, пренесуваат тамошните медиуми.
Хрватскиот државен хидрометеоролошки завод (ДХМЗ) за денеска објави црвен метео аларм за Велебитскиот канал и јужна Далмација поради силно, повремено бурно невреме.
Во реката Дунав кај Вуковар е пронајдено безживотно тело на маж, по што претходно беше организирана потрага, соопшти денеска хрватската полиција.
Порталот „Индекс“ претходно објави дека маж се обидел да спаси чамец од големо невреме и силен ветер што ја погоди Хрватска. Според информациите, човекот со автомобил стигнал до Дунав, а неговото тело било пронајдено на 200 метри од местото каде што наводно паднал во реката.
– Ветерот ја крена целата конструкција, внатре имаше машини, трактор, останаа само темелите. Шупата излета седум метри до другиот дел од шталата со 200 овци и 100 јагниња. Фала богу, никој не беше повреден – изјави за хрватскиот портал „24 сата“, жител на Плашник кај Гарешница во Хрватска, за последиците од невремето што во саботата ја зафати Хрватска.
Издадено е и портокалово предупредување за подрачјето на Риека, Сплит и Дубровник, западниот брег на Истра и Кварнер поради силно и многу силно невреме, пренесува Индекс.
Бидете свесни за опасноста и внимавајте на најновите временски извештаи, соопшти ДХМЗ. Се предупредува и на можни прекини во сообраќајот и прекин на снабдувањето со електрична енергија.